„Тајните на сините зони“: Што јадат луѓето што живеат најдолго на светот

Во некои делови од светот луѓето не само што живеат подолго, туку и поздраво – без хронични болести, со повеќе енергија, силна поврзаност со заедницата и виталност дури и во подоцнежните години. Овие исклучителни региони се нарекуваат сини зони, а научниците кои ги истражуваат заклучиле дека долговечноста на нивните жители не е резултат на случајност или гени, туку на секојдневните навики – особено во исхраната и начинот на живот.

Сините зони се: Окинава (Јапонија), Сардинија (Италија), Икарија (Грција), полуостровот Никоја (Костарика) и заедницата на адвентисти во Лома Линда (Калифорнија, САД). Иако се географски и културно различни, жителите на овие подрачја имаат многу заедничко: јадат едноставна, сезонска храна, главно од растително потекло, избегнуваат индустриски преработени производи, а месо јадат ретко и во мали количини.

Нивните оброци се скромни, но хранливи и најчесто се приготвуваат дома од локално одгледани состојки. Начинот на живот е природно активен – секојдневно се движат преку активности како работа во градина, пешачење или извршување домашни обврски. Силната поврзаност со заедницата, меѓусебната поддршка и чувството на смисла во животот дополнително придонесуваат за нивното здравје и долговечност.

И покрај разликите во локалната кујна, основните правила на исхрана се слични: преовладува растителна храна со фокус на зеленчук, мешунки, овошје и интегрални житарки. Гравот, леќата и наутот се главен извор на протеини, а јаглехидратите доаѓаат од квалитетни извори како ориз, јачмен и овес. Маснотиите се користат умерено – најчесто преку маслиново масло во медитеранските зони или растителни масла како сусамово во Јапонија.

Овошјето се јаде свежо и сезонски, без додадени шеќери. Ферментирани производи – како јогурт, мисо супа или кисел зеленчук – се дел од секојдневната исхрана и имаат позитивно влијание врз варењето и имунитетот. Риба и морски плодови се јадат повремено, додека црвеното месо е резервирано за посебни прилики и се консумира во многу мали количини. Млечните производи се ограничени и најчесто се појавуваат во традиционални форми, како овчо сирење на Сардинија.

Еднакво важен како и составот на оброкот е и начинот на кој се јаде. Во Окинава, на пример, постои пракса хара хачи бу – прекинување на јадењето кога лицето е приближно 80% сито. Оброците се консумираат бавно, често во друштво, со изразено почитување кон храната и времето поминато на трпеза.

Токму оваа комбинација – едноставна, природна храна, секојдневна физичка активност и силна поврзаност со заедницата – ги прави сините зони модел за здрав и долг живот, кон кој денес тежнеат многумина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни