Тајните документи за нацистичките бегалци во Аргентина ќе излезат на виделина

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј најави дека ќе ги декласифицира владините документи поврзани со нацистичките бегалци што по Втората светска војна нашле засолниште во Аргентина.

Документите содржат податоци за банкарски и финансиски трансакции, како и досиеја во посед на Министерството за одбрана на Аргентина.


Се проценува дека во земјата се засолниле околу 5.000 нацистички воени злосторници, вклучувајќи ги Адолф Ајхман и Јозеф Менгеле.

Западни медиуми анализираат дека одлуката на Милеј можеби има повеќе мотиви. Тој важи за „голем пријател на Израел“ и презема чекори за продлабочување на дипломатските односи со таа земја. Минатата недела прогласи дводневна национална жалост по враќањето на телата на двајца израелско-аргентински заложници убиени од Хамас.

Некои аналитичари сметаат дека Милеј има и домашни политички цели. Тој е жесток противник на поранешниот аргентински претседател Хуан Перон и неговото политичко наследство. Се шпекулира дека новооткриените документи би можеле да ја осветлат улогата на Перон во засолнувањето на нацистичките злосторници.

Не е јасно дали истрагата ќе доведе до конкретни правни последици, бидејќи повеќето актери одамна се починати, но од историски аспект, објавата на овие документи може да биде значајна.

Паралелно со ова, Милеј најави и декласификација на документите поврзани со воената диктатура во Аргентина (1976–1983).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни