Тајниот бункер под Калемегдан: Војници во целосна изолација, подготвени за нуклеарна војна

До 2008 година, малкумина во Србија знаеле дека под тврдината Калемегдан во Белград се наоѓа таен воен бункер, изграден од поранешната Југословенска народна армија (ЈНА). Направен за да издржи нуклеарен напад, бункерот бил строго чувана тајна, скриена под едно од најпознатите историски места во градот.

Изградбата започнала во 1948 година, во време кога Калемегдан сè уште бил воен објект, затворен за цивили. Во тоа време, Југославија се соочувала со сериозна геополитичка криза – конфликтот со Советскиот Сојуз и опасноста од воен напад. Токму затоа, државниот врв наредил изградба на систем од стотици топовски и митралески бункери на горниот дел од тврдината, веднаш до споменикот „Победник“.

Живот под земја, без контакт со надворешниот свет

Иако изгледа како обично брдо, просторот што го крие бункерот со децении останал незабележан. Денес, благодарение на туристичките тури на иницијативата „Белград под Белград“, јавноста може да го посети овој објект што во минатото бил целосно изолиран од надворешниот свет.

Бункерот е дизајниран за долготрајно преживување. Вентилацијата и денес работи беспрекорно, температурата е стабилна, а внатре се наоѓаат оригинални канистри со по 200 литри вода – доволни за неколкунеделни резерви за пиење и хигиена. Во објектот биле сместени 28 војници, распоредени во две целосно независни единици кои не знаеле еден за друг. Во темни и тесни простории, тие живееле без дневна светлина, со минимален контакт со надворешноста, со периодични достави на храна и користеле базени со вода за снабдување.

Проектиран за одбрана од Советите – никогаш не влезе во употреба

Се смета дека изградбата на бункерот била тајна наредба на Јосип Броз Тито, во периодот од 1948 до 1953 година, како дел од планот за одбрана од можна агресија од Источниот блок. Советите уште во 1948 година поседувале атомска бомба, а се очекувало евентуален напад да дојде преку Унгарија, па затоа двете артилериски позиции во бункерот се насочени кон север.

Иако бил подготвен за одбрана, бункерот никогаш не бил употребен. Смирувањето на тензиите и смртта на Сталин во 1953 година значеле крај на непосредната опасност, па објектот бил затворен, маскиран, и влезот со тек на времето бил обраснат во вегетација. На еден од влезните чекори и денес стои врежан датумот 19 октомври 1953 – денот кога изградбата официјално завршила.

Иако никогаш не бил користен во воена функција, бункерот под Калемегдан останува фасцинантно сведоштво за едно турбулентно време, кога политичките конфликти на големите сили ја туркаа малата Југославија кон целосна изолација и ја принудија да се подготвува за најлошото – дури и за нуклеарен напад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни