Тајната на Милоска Венера: Каде исчезнаа нејзините раце?

Една од најпознатите антички грчки скулптури, Милоска Венера, е веднаш препознатлива по нејзините исчезнати раце. Широко се верува дека ја претставува Афродита, грчката божица на љубовта и убавината, позната кај Римјаните како Венера.

Скулптурата е откриена во 1820 година на егејскиот остров Мелос (денес Милос). Оливер Вутје, поручник во француската морнарица чиј брод бил закотвен во пристаништето на островот, одлучил еден ден да го мине времето истражувајќи и барајќи антиквитети. Додека копал во близина на урнатините на антички театар, забележал локален земјоделец како отстранува камења од еден ѕид за да ги користи како градежен материјал. Се покажало дека земјоделецот пронашол нешто вградено во ѕидот — горниот дел од женска статуа.

Препознавајќи ја нејзината уметничка вредност, Вутје, со помош на земјоделецот, ја ископал и долната половина на статуата недалеку од местото. Тој веднаш ги информирал своите претпоставени за откритието, по што Французите го стекнале делото, кое подоцна станало познато како Венера Милоска, за релативно скромна сума. Скулптурата пристигнала во Франција во 1821 година и му била подарена на кралот Луј XVIII, кој пак ја донирал на музејот Лувр, каде што и денес се изложува.

Лувр првично ја промовирал Венера Милоска како ремек-дело од класичниот грчки период. Денес, сепак, се смета дека скулптурата датира од околу 100 година пр.н.е., односно од подоцнежното хеленистичко доба. Изрезбана е од два блока мермер што потоа биле споени, а високата е 1 метар и 87 сантиметри од глава до пети. Се смета дека автор е уметникот Александар од Антиохија, за кого се знае многу малку.

Што се однесува до недостасувачките раце, долго време постоела теорија дека биле скршени во 1820 година за време на расправија на брегот на Мелос, кога француски и турски морнари се бореле за поседување на скулптурата. Но денес, повеќето научници се согласуваат дека рацете веќе недостасувале во моментот кога Вутје и земјоделецот ја пронашле. (Исто така, денес недостасува и металниот накит за кој се верува дека ги украсувал рацете, главата и ушите на скулптурата во античко време, како и бојата со која биле истакнати нејзиното лице, косата и облеката.)

Сè уште постојат шпекулации за оригиналната поза на Милоска Венера, иако некои докази укажуваат дека во левата рака можеби држела јаболко.

Извор: History

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни