Американски милијардер со луксузни недвижности и истражувач на длабоките мориња планираат да патуваат со подморница за да го истражат Титаник. Тајкунот и авантурист од Охајо, Лери Конор и Патрик Лахи, соосновач на Triton Submarines, велат дека сакаат да се спуштат со подморница на длабочина од околу 10.000 стапки за да го видат потонатиот брод во Северниот Атлантски Океан.
Приватната подводна индустрија беше потресена откако пет лица загинаа кога минатата година експлодираше подморница изградена од OceanGate на пат кон Титаник.
Портпаролот на компанијата на Конор во вторникот рече дека предложеното патување ќе се случи само откако бродот ќе биде целосно сертифициран од поморската организација. Нема временска рамка за планираната експедиција.
Планот на двајцата милијардери е да се користи подморницата наречена Triton 4000/2 Abyssal Explorer – „4000“ се однесува на длабочината во метри до која подморницата може безбедно да се спушти.
Подморницата Титан изградена од OceanGate беше направена од карбонски влакна и беше сертифицирана само на 1.300 метри, многу помалку од длабочината на дното на океанот каде што лежи потонатиот брод Титаник. Во јуни 2023 година бродот се распадна додека одеше кон потонатиот брод Титаник. Извршниот директор на OceanGate, Стоктон Раш, загина во подморницата заедно со уште четворица патници: британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзад Давуд (48) и неговиот син Сулеман (19), британскиот бизнисмен Хамиш Хардинг (58) и Пол-Хенри Наргеолет (77), поранешен нуркач на морнарицата.
Конор изјави за Wall Street Journal дека сака да им покаже на луѓето ширум светот дека иако океанот е исклучително моќен, може да биде убав и пријатен и навистина да го промени животот ако се зафатите со тоа на вистинскиот начин.
Приватната подводна индустрија настрада по катастрофата на Титан, а дуото се надева дека успешното патување повторно ќе го разгори интересот.
Лахи е соосновач на Triton Submarines, а Конор е шеф на „The Connor Group“, компанија за инвестирање во недвижности со седиште во близина на Дејтон, Охајо. Во 2021 година тие заедно се спиштија на речиси 36.000 стапки во Маријанскиот ров, најдлабоката точка на морското дно на Земјата.