Во разговор со новинарите во Долниот дом на Парламентот, Тајани повтори дека Италија не е подготвена да ја признае државата Палестина.
„Признавањето на Палестина кога Палестина не постои е правна фикција, тоа не е дури ни политичка одлука. Ние сме за палестинска држава, тоа е јасно, тоа го кажуваме со години“, истакна тој.
Тајани рече дека Италија работи на изградба на палестинска држава.
„Веќе кажав што треба да се направи и што сме подготвени да направиме: ни е потребна мисија на ОН под водство на арапските земји и сме подготвени да ги испратиме нашите трупи. Кога Палестина ќе се обедини, тогаш можеме да ја признаеме државата“, нагласи тој.
Според него, Италија ја признава Палестинската самоуправа, но Хамас мора да си замине. Запрашан да коментира за признавањето на Палестина од страна на други земји, Тајани рече дека другите земји можат да кажат што сакаат, но дека студирал право и се сеќава на некои работи.
„Земете ги првите три страници од дефиницијата за држава и видете“, заклучи тој. Четири земји објавија дека ќе ја признаат Палестина во септември – Канада, Франција, Велика Британија и Малта. Шпанија, Ирска и Норвешка формално ја признаа палестинската држава кон крајот на мај минатата година. Повеќето од земјите во ОН – 147 од 193, веќе ја признаваат палестинската држава, која моментално има статус на набљудувач во ОН.