Одлуката на Соединетите Американски Држави да ја стопира странската финансиска помош сериозно влијае на глобалното здравје, погодувајќи ги програмите за борба против детска парализа, ХИВ и други закани, изјави во средата генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Адханом Гебрејсус.
Тедрос повика на САД да ја разгледаат можноста за продолжување на финансирањето на помошта додека не се најдат решенија, јавува The Straits Times.
„Постојат потези на американската влада… за кои сме загрижени бидејќи сериозно влијаат на глобалното здравје“, рече Тедрос на виртуелна конференција за новинари од Женева.
Напорите за борба против ХИВ, детска парализа, мајмунски сипаници и птичји грип се погодени од паузирањето на финансиската помош што ја воведоа САД.
Тој посебно ја истакна суспензијата на финансирањето на Претседателскиот итен план за помош во борбата против СИДА (PEPFAR), што доведе до непосреден прекин на лекувањето, тестирањето и превентивните услуги за ХИВ во 50 земји кои го поддржуваат овој програм.
Иако подоцна беше воведено исклучување што овозможи продолжување на некои услуги, превентивните мерки за ризичните групи не беа вклучени, додаде тој.
„Клиниките се затворени, а здравствените работници се испратени на принуден одмор“, рече тој, додавајќи дека СЗО се обидува да им помогне на земјите да го надокнадат недостигот на антиретровирусни лекови.
Како што наведе, и суспензијата на финансирањето и повлекувањето на американските институции негативно влијаат на напорите за искоренување на детската парализа и одговорот на мајмунските сипаници, а во Мијанмар речиси 60.000 луѓе останале без пристап до услуги што можат да им го спасат животот.
„Молиме САД да ја разгледаат можноста за продолжување на финансирањето, барем додека не се најдат решенија“, рече Тедрос.
Покрај замрзнувањето на помошта, САД го започна процесот на повлекување од СЗО, што исто така ја загрозува соработката, особено во борбата против епидемиите и грипот.
Тедрос се осврна и на финансискиот јаз во самата СЗО. Организацијата веќе го реформираше својот модел на финансирање во последните години, но се разгледуваат и други опции, додаде тој.
Меѓу нив е и идејата за собирање фонд од 50 милијарди долари, иако не изнесе детали за тоа како би се спровело. Исто така, рече дека СЗО разгледува можноста за наплата на одредени услуги од институции или поединци кои можат да платат.