СЗО: Смртните случаи од рак на дојка до 2050 ќе се зголемат за 68%

Дијагнозите и смртните случаи на рак на дојка се очекува да се зголемат ширум светот во наредните децении, со највисока инциденца во Северна Европа, предупредуваат светските истражувачи за рак.

Во 2022 година, на 2,3 милиони жени на глобално ниво им бил дијагностициран рак на дојка, а 670.000 починале.
Инаку, на една од 20 жени ќе ѝ биде дијагностициран овој вид на канцер во текот на животот, што го прави најчестиот облик на рак кај жените.

Според новите проекции на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) на Светската здравствена организација (СЗО), до 2050 година, глобалната смртност од рак на дојка се очекува да се зголеми за 68 отсто, додека новите случаи ќе се зголемат за 38%. Тоа би изнесувало 3,2 милиони нови случаи и 1,1 милион смртни случаи годишно.

„Секоја минута, четири жени се дијагностицираат со рак на дојка ширум светот и една жена умира од оваа болест, а оваа статистика се влошува“, рече д-р Џоан Ким, научник од IARC и еден од авторите на студијата.

Агенцијата предупреди дека оптоварени ќе бидат земјите во развој. Сепак, иако стапките на смртност опаднаа во последниве години во Куба и 29 богати земји, само седум земји ги исполнуваат глобалните здравствени цели за да ја спречат смртноста за најмалку 2,5 отсто секоја година, се вели во извештајот.
Тука се вбројуваат Малта, Данска, Белгија, Швајцарија, Литванија, Холандија и Словенија. Блиску зад нив се: Норвешка, Шведска, Ирска, Австралија, Обединетото Кралство и Нов Зеланд.

Според студијата, објавена во списанието Nature Medicine, ако сите земји ја исполнат целта за намалување од 2,5 отсто, до 2050 година би се преполовил бројот на смртни случаи од рак на дојка.

Имено, вкупните стапки на инциденца на рак на дојка беа највисоки во Австралија и во Нов Зеланд, а потоа во Северна Америка и Северна Европа, најверојатно поради факторите на ризик како консумирање алкохол и отсуство на навики за вежбање.

Во Европа, ризикот за дијагностицирање на рак на дојка се движи од 4,9 отсто во Украина до 11,1 отсто во Франција. Ризикот од смрт од оваа болест се движи од 1,1 отсто во Норвешка и Шпанија до 2,6% во Црна Гора. Смртноста е многу повисока во земјите во развој, особено регионите на островот на Пацификот познати како Меланезија и Полинезија, како и во Западна Африка , што го одразува недостигот на пристап до рано откривање, дијагноза и третман на ракот, се вели во извештајот.

Во богатите земји, 17 отсто од жените на кои им е дијагностициран рак на дојка, умираат од оваа болест. Во земјите во развој, тоа е 56 проценти. Повеќето случаи на рак на дојка се откриваат во средна возраст или подоцна. Но, во Африка, 47 отсто од случаите се случиле кај жени под 50 години, во споредба со 18% во Северна Америка, 19% во Европа и 22% во Океанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни