Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека бројот на случаи на мали сипаници во светот се намалил за 71 процент помеѓу 2000 и 2024 година, на 11 милиони, благодарение на подобрената покриеност со вакцинација. Се проценува дека вакцинацијата спасила речиси 59 милиони животи во тој период.
„Малите сипаници се најзаразната вирусна болест и овие податоци уште еднаш покажуваат што може да се случи ако има пукнатина во нашата колективна одбрана“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Мали сипаници – прв показател за намалување на стапките на вакцинација
СЗО наведува дека малите сипаници често се првата болест што масовно се шири кога покриеноста со вакцинација опаѓа, што ја прави јасен показател за слабостите на програмите за имунизација и здравствените системи.
„Дури и мал пад на покриеноста со вакцинација може да предизвика епидемија“, предупреди Кејт О’Брајан, директорка на одделот за имунизација на СЗО. Таа додаде дека ситуацијата е слична и со други болести што можат да се спречат со вакцинација, како што се дифтерија и детска парализа.
Во 2024 година, помали или поголеми епидемии избувнаа во 59 земји – речиси три пати повеќе отколку во 2021 година. Ова е најголемиот број регистриран од почетокот на пандемијата на ковид-19. Меѓу погодените се богатите земји каде што болеста се сметаше за искоренета, како што се Канада и САД.
Организацијата предупредува дека значителното намалување на финансирањето за Глобалната мрежа на лаборатории за мали сипаници и рубеола и националните програми за имунизација би можело да доведе до нов пад на покриеноста со вакцинација и ширење на епидемии веќе следната година.
СЗО веќе ги намали дел од своите активности и го преполови својот раководен персонал откако САД, нејзиниот најголем поединечен донатор, се повлекоа од агенцијата на почетокот на годината.
