Секој трет лекар и медицинска сестра во Европа страда од депресија, а еден од десет има пасивни суицидални мисли, покажува нов извештај. Работните услови во здравствениот сектор ја влошуваат менталната состојба на здравствените работници, според голема анкета спроведена од Светската здравствена организација (СЗО).
Во извештајот се вели дека депресијата кај дел од здравствените работници е сериозна – 10% изјавиле дека во текот на изминатата година имале пасивни мисли за самоубиство, што може да го зголеми ризикот од суицидално однесување во иднина.
„Ова е неприфатливо бреме за оние што се грижат за нас. Не мора да биде вака,“ изјави д-р Ханс Хенри Клуге, директор за Европа на СЗО, која го спроведе истражувањето.
Анкетата опфатила над 90.000 лекари и медицински сестри од Европската Унија, Исланд и Норвешка.
Работната средина како ризик
Работните услови во здравствениот сектор се дел од проблемот. Секој трет здравствен работник изјавил дека во изминатата година бил изложен на малтретирање или закани со насилство, а 10% пријавиле физичко насилство или сексуално вознемирување.
Освен тоа, една четвртина од лекарите работат повеќе од 50 часа неделно. Многумина работат со привремени договори (32% од лекарите и 25% од медицинските сестри), што создава несигурност и анксиозност.
Здравствените работници кои биле изложени на насилство, долги смени и прекумерна работа, значително почесто страдаат од депресија, анксиозност или имаат суицидални мисли.
Последици по пациентите и здравствениот систем
Овој ментален товар има директно влијание и врз пациентите. Од 11% до 34% од здравствените работници во различни земји размислуваат да ја напуштат својата професија – во време кога се очекува недостигот на медицински кадар во Европа да достигне 940.000 до 2030 година.
Отсуствата поради боледување и напуштањето на работните места создаваат дополнителен притисок врз здравствените системи – што резултира со подолги листи на чекање и полоша медицинска грижа.
Кризата во бројки:
Еден од 3 лекари е постар од 55 години, 66% од француските студенти по медицина доживеале депресивен епизода а 21% имале суицидални мисли – трипати повеќе од општата популација
Д-р Клуге повика на итни мерки за подобрување на менталното здравје на здравствените работници што значи нулта толеранција кон насилство на работното место, преиспитување на смените и прекувремената работа и пристап до ментално здравје и поддршка
„Кризата со менталното здравје кај здравствените работници е и безбедносна криза – не можеме да си дозволиме да ги изгубиме поради исцрпеност, очај или насилство,“ изјави Клуге.