Околу 12.000 деца под петгодишна возраст во Газа страдаат од акутна неухранетост, а расте и бројот на смртни случаи поврзани со глад, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Кај најмалку 12.000 деца помали од пет години е утврдена акутна неухранетост во Газа, што претставува највисока месечна бројка досега забележана,“ рече тој на прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева.
Од почетокот на годинава до 29 јули, најмалку 99 лица починале од последици поврзани со глад — од нив 64 се возрасни, а 35 деца, од кои 29 се помлади од пет години.
Според последните податоци на УНИЦЕФ, бројот на случаи на неухранетост се удвоил од јуни до јули – од 6.344 на 11.877. Приближно 2.500 од овие деца страдаат од тешка неухранетост.
Апел за итна помош
СЗО повика на итно зголемување на хуманитарната помош преку сите можни рути. Организацијата поддржува четири центри за лекување неухранетост во Газа, но резервите од бебешка храна и храна со висока нутритивна вредност се многу мали.
„Вкупниот волумен на прехранбени резерви е и натаму целосно недоволен за да се спречи понатамошно влошување. Пазарот мора да биде преплавен со храна, мора да постои нутритивна разновидност,“ изјави преку видеоврска Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за окупираните палестински територии.
Храната сѐ поретка, гладта расте
Организацијата за следење на гладта во светот соопшти дека во Појасот Газа постои вистинска глад, која се шири, со сѐ поголем број деца кои умираат од неухранетост. Пристапот до хуманитарна помош е драстично ограничен.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), потрошувачката на храна во Газа е на најниско ниво од почетокот на војната.
Дури 81% од домаќинствата во оваа мала и густо населена територија со 2,2 милиони жители пријавиле недоволна консумација на храна – во споредба со 33% во април.