Иако дијагнозата рак често создава чувство на беспомошност, нова анализа на Светска здравствена организација (СЗО) покажува дека повеќе од една третина од сите случаи на рак на глобално ниво може да се спречат преку превенција, промени во животниот стил и навремени здравствени интервенции.
Според податоците, речиси половина од овие превентабилни случаи се однесуваат на рак на белите дробови, желудникот и грлото на матката – карциноми кои секоја година одземаат милиони животи, а во голем дел се поврзани со фактори што може да се контролираат.
Анализата покажува дека во 2022 година биле регистрирани речиси 19 милиони нови случаи на рак, при што околу 38 проценти биле поврзани со 30 променливи фактори на ризик. Меѓу нив се пушењето, консумацијата на алкохол, зголемениот индекс на телесна маса, недоволната физичка активност, употребата на бездимни тутунски производи, недоволното доење, загадувањето на воздухот, ултравиолетовото зрачење, заразните агенси и повеќе од десет видови професионална изложеност.
„Справувањето со овие превентабилни причини претставува една од најмоќните можности за намалување на глобалниот товар од рак“, изјави Изабел Соерјоматарам, медицинска епидемиологинка при СЗО и водечка авторка на анализата.
Пушењето останува убедливо најголем поединечен фактор на ризик. Во анализираната година било поврзано со околу 15 проценти од сите случаи на рак, при што ризикот бил значително повисок кај мажите, дури 23 проценти од сите нови дијагнози. Веднаш по пушењето следува консумацијата на алкохол, која учествувала со околу 3,2 проценти од сите нови случаи, што изнесува приближно 700.000 дијагнози годишно.
Инфекциите биле поврзани со околу 10 проценти од новите случаи на рак. Кај жените, најголем дел од превентабилните карциноми се поврзани со високоризичниот хуман папилома вирус (ХПВ), кој може да доведе до рак на грлото на матката. Иако постои ефикасна вакцина, опфатот со вакцинација во многу делови од светот и натаму е низок.
Загадувањето на воздухот исто така игра значајна улога, но неговото влијание варира по региони. Во источна Азија, околу 15 проценти од случаите на рак на белите дробови кај жените се поврзуваат со загаден воздух, додека во северна Африка и западна Азија овој процент кај мажите достигнува околу 20 проценти. Ракот на желудникот, кој е почест кај мажите, често се поврзува со пушење и инфекции поврзани со пренатрупаност, лоши санитарни услови и ограничен пристап до чиста вода.
Експертите нагласуваат дека овие податоци овозможуваат поцеленo насочување на превентивните политики. „Со анализирање на обрасците меѓу различни земји и групи на население, можеме да им обезбедиме на владите и на граѓаните појасни насоки за тоа како да се спречат многу случаи на рак уште пред да се појават“, изјави Андре Илбави, раководител на тимот за контрола на рак при СЗО и коавтор на студијата.
Истражувањето е објавено во научното списание Nature Medicine.
