Светската здравствена организација (СЗО) препорача употреба на новите лекови за слабеење од групата GLP-1 со цел да се сузбие растечкиот проблем со дебелината. Истовремено, организацијата ги повика фармацевтските компании да ги намалат цените и да го зголемат производството за да овозможат пристап и во помалку развиените земји.
Најновите насоки на СЗО содржат условна препорака за лековите GLP-1 – како што се Вегови (Wegovy), Оземпик (Ozempic) и Мунџаро (Mounjaro) – како дел од поширок пристап кој вклучува здрава исхрана, физичка активност и лекарска поддршка, пренесува Политико.
СЗО ја опиша препораката како „условна“ поради ограничените податоци за долгорочната ефикасност и безбедност на GLP-1 лековите, а истата не важи за бремени жени. Организацијата предупреди дека, иако GLP-1 терапиите се веќе широко прифатени во развиените држави, до 2030 година ќе бидат достапни за помалку од 10 проценти од светската популација.
Меѓу земјите со највисоки стапки на дебелина се државите од Блискиот Исток, Латинска Америка и пацифичките островски земји, наведува бриселскиот портал. Воедно, Вегови во почетокот на годинава бил достапен само во околу 15 земји.
СЗО додаде дека фармацевтските компании треба да размислат за намалување на цените во помалку развиените земји и за давање лиценци за патенти и технологии, со цел да им се овозможи и на други производители да создаваат GLP-1 лекови.
Советничката во СЗО за проблемот со дебелина, Франческа Челети, истакна дека е потребна „решителна акција“ за да се прошири достапноста, наведувајќи го примерот со антиретровиралните лекови против ХИВ од почетокот на 21. век.
„Сите мислевме дека тоа е невозможно, но потоа цените паднаа“, рече таа.
Висок претставник на СЗО, Џереми Фарар, изјавидека новите насоки ќе им отворат пат на производителите на генерички лекови да создадат поевтини верзии на GLP-1 по истекот на патентите. Клучните патенти за семаглутид – активната состојка во Оземпик и Вегови на компанијата НОВО Нордиск – ќе истечат следната година во повеќе земји, меѓу кои Индија, Бразил и Кина.
Се очекува цените да паднат кога генеричките лекови ќе се појават на пазарот, но тоа не е единствената пречка.
Овие лекови, кои се аплицираат преку инјекции, мора да се складираат во ладни услови. Како што додаде Челети, здравствените системи треба да бидат подготвени за нивна дистрибуција кога ќе станат достапни.
