СЗО: Околу 42.000 повредени во Појасот Газа живеат со некаква форма на инвалидитет

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека речиси 42.000 лица во Појасот Газа, од кои една четвртина се деца, поради тешки повреди сега живеат со траен инвалидитет, што ќе бара години на лекување и рехабилитација.

Во нов извештај се наведува дека од вкупно 167.376 повредени од октомври 2023 година, една четвртина имаат трајни трауми. Повеќе од 5.000 луѓе биле подложени на ампутации, а десетици илјади се со сериозни повреди – над 22.000 на екстремитетите, повеќе од 2.000 со повреди на ’рбетниот столб, околу 1.300 со повреди на главата и повеќе од 3.300 со тешки изгореници.

„Овие повреди создаваат огромна потреба од специјализирана хирургија и рехабилитација, но истовремено длабоко ги менуваат животите на пациентите и нивните семејства“, соопшти СЗО, нагласувајќи дека една четвртина од овие случаи се однесуваат на деца.

Здравствениот систем на Газа, кој и пред војната беше преоптоварен, денес е на работ на колапс. Само 14 од 36 болници се делумно функционални, а помалку од една третина од претходните рехабилитациски центри продолжуваат да работат.

„Ниту една служба не е целосно оперативна, а недостигот од специјализиран кадар е драматичен“, стои во извештајот. Од приближно 1.300 физиотерапевти и 400 други терапевти пред војната, денес останале активни само мал дел, меѓу кои и осум протетичари за илјадниците ампутации.

СЗО предупредува дека повредите не се само физички, туку оставаат и длабоки психолошки трауми. „Преживеаните се борат со траума, загуба на најблиските и секојдневни предизвици, додека психосоцијалната поддршка останува крајно ограничена“, наведува организацијата.

„Медицинските установи мора да бидат заштитени, треба да се обезбеди непречен пристап до гориво и медицински залихи, а ограничувањата за увоз на основна опрема да се укинат“, повикува СЗО, додавајќи: „Пред сè, неопходен е итен прекин на огнот. Народот на Газа заслужува мир, здравје и шанса за опоравување.“

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни