СЗО: Над 1.000 пациенти починаа чекајќи итна медицинска евакуација од Газа

Гебрејесус изјави дека е познато дека 1.092 пациенти починале чекајќи медицинска евакуација само помеѓу јули 2024 година и 28 ноември оваа година

Повеќе од 1.000 пациенти починаа во претходната година и пол чекајќи итна медицинска евакуација од воено разурнатата Газа, објави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус.

Тој истакна дека од почетокот на војната, агенциите на Обединетите нации и нивните партнери „евакуирале повеќе од 10.600 пациенти од Газа со сериозни медицински состојби, вклучувајќи повеќе од 5.600 деца“, пренесува АФП.

Гебрејесус изјави дека е познато дека 1.092 пациенти починале чекајќи медицинска евакуација само помеѓу јули 2024 година и 28 ноември оваа година и предупреди дека „многу повеќе пациенти остануваат во Газа чекајќи евакуација за да добијат соодветна медицинска нега“.

„Овие бројки се веројатно пониски од реалните, поради што апелирам до повеќе земји да ги отворат своите врати за пациенти од Газа, како и да продолжат со медицинска евакуација од Западниот Брег, вклучително и од Источен Ерусалим“, рече Гебрејесус, со порака дека „животите зависат од тоа“.

Портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, им изјави на новинарите во Женева дека околу 18.500 пациенти сè уште мора да бидат префрлени на лекување надвор од Газа, вклучувајќи повеќе од 4.000 деца.

„Многу од овие пациенти повеќе немаат време да чекаат“, нагласи Јашаревиќ.

Претставник на организацијата „Лекари без граници“ изјави за АФП на почетокот на декември дека податоците на СЗО се однесуваат само на регистрирани пациенти и дека вистинскиот број на луѓе на кои им е потребна итна евакуација е неколку пати поголем.

До 1 декември, повеќе од 30 земји примија пациенти од Газа, но само неколку, вклучувајќи ги Египет и Обединетите Арапски Емирати, примија голем број пациенти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни