Девет лица починале во новата епидемија на вирус сличен на ебола, познат како Марбург, предупредува СЗО.
Марбуршкиот вирус, еден од најсмртоносните патогени вируси кои некогаш се откриени, веќе заразил десет лица во африканската земја Танзанија откако земјата официјално ја објави епидемијата минатата недела.
Африканската здравствена агенција објавила дека девет од овие десет лица починале, што ја одразува стапката на смртност на вирусот од 90 проценти. Случаите се забележани во регионот Кагера, на северозападот на Танзанија, кој има популација од скоро три милиони луѓе.
Меѓутоа, поради лесниот пристап до меѓународниот аеродром во главниот град Дар ес Салаам, експертите се загрижени дека болеста може да се шири понатаму, пренесе Dailymail.
Нгаши Нгонго, од Африканскиот центар за контрола на болести (CDC), изјави за време на брифингот дека прават сè што можат заедно со Светската здравствена организација (СЗО) за да ги ограничат размерите на епидемијата.
Властите идентификувале „околу 280 контакти“ поврзани со десетте случаи на заболени, кои се внимателно следат поради можната зараза.
„Досега се направени вкупно 31 тестирање, два се потврдени, додека 29 се негативни“, рече Нгонго.
Во моментов не постојат вакцини за лекување на Марбуршкиот вирус, што ги принудува медицинските работници да се фокусираат на обезбедување поддршка на пациентите за преживување на инфекцијата. Тоа често ги изложува здравствените работници на директен ризик од зараза со вирусот, кој може да предизвика крварење од очите.
Марбург вирусот е хеморагична треска, болест која ги оштетува органите и крвните садови, предизвикувајќи внатрешно крварење или крварење од очите, устата и ушите.
Вирусот може да се пренесе преку допир на телесни течности на заразено лице, контаминирани предмети или заразени диви животни. Се смета дека првично се пренесува на луѓето по продолжено изложување на рудници или пештери во кои престојуваат лилјаци.