Светската здравствена организација (СЗО) ги повика земјите да ги зголемат цените на алкохолот, тутунот и безалкохолните пијалоци за 50 проценти во следните десет години преку даноци за да помогнат во спречувањето на хроничните болести.
СЗО истакна дека ова ќе помогне во намалувањето на потрошувачката на овие производи, кои придонесуваат за болести како што се дијабетесот и некои видови рак, и ќе се соберат пари во време кога помошта за развој се намалува, а јавниот долг расте.
„Даноците за здравство се една од најефикасните алатки што ги имаме“, рече помошникот генерален директор на СЗО за промоција на здравјето и превенција и контрола на болести, Џереми Фарар.
„Време е за акција“, додаде тој.
СЗО ја започна иницијативата „3 до 35“ на конференцијата на ОН за финансирање на развојот во Севиља. Иницијативата би можела да собере 1 трилион американски долари до 2035 година.
Речиси 140 земји ги зголемија даноците на тутунот
СЗО со децении се залага за даноци на тутун и зголемување на цените, а во последниве години повикува на даноци на алкохол и безалкохолни пијалоци. Сепак, ова е прв пат да се предложи конкретно зголемување на цените за сите три производи.
Генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека даноците би можеле да им помогнат на владите „да се прилагодат на новата реалност“ и да ги зајакнат своите здравствени системи со зголемени приходи. Речиси 140 земји веќе ги зголемија даноците и цените на тутунот за просек од повеќе од 50 проценти од 2012 до 2022 година.
СЗО разгледува други даночни препораки, вклучително и оние за ултра-преработена храна, и ја финализира дефиницијата за тој вид храна во наредните месеци. Иницијативата е поддржана од Bloomberg Philanthropies, Светската банка (СБ) и OECD и вклучува поддршка за земјите кои сакаат да дејствуваат.