Жртви на климатската реалност: Јужна Европа се топи под температури над 40°C

СЗО алармира: Над 4.500 Европејци во ризик од топлотниот бран до 3 јули

Светската здравствена организација (СЗО) издаде сериозно предупредување поради смртоносниот топлотен бран што го зафати континентот. Како што пишува Politico во статија со наслов „Смртоносна топлина – новата климатска реалност на Европа“, во наредните денови се очекуваат илјадници смртни случаи низ Европа, откако температурите на многу места надминаа 40°C.

Најпогодени се земјите од јужна Европа, каде што жештината достигнува критични вредности. Во регионот Хелва во Шпанија, температурата достигнала 46°C, додека слична состојба има и во Италија, Грција, Португалија и на територијата на Западен Балкан. Во нашето соседство, веќе е забележан смртен случај на 65-годишен градежен работник во Илион, Грција, кој починал од последици предизвикани од топлотниот бран.

Во понеделникот, СЗО ги повика европските влади да преземат итни мерки за да спречат десетици илјади непотребни смртни случаи. Организацијата уште еднаш нагласи дека климатските промени предизвикани од фосилните горива водат до сè почести, поинтензивни и поопасни топлотни бранови – што резултира со зголемување на бројот на тешки болести и смртни случаи.

Според Пјер Масело, статистичар од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, оваа жештина може да предизвика над 4.500 смртни случаи во периодот од 30 јуни до 3 јули. Тој истакна дека Италија, Хрватска, Словенија и Луксембург се земји со најголем ризик и предупреди дека најтешки денови ќе бидат вторник и среда.

Европа влегува во нова ера каде топлотните бранови не се исклучок, туку правило.
Климатските промени се веќе тука – со човечки живот како најголема цена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни