Во европскиот регион, секоја година 1,8 милиони луѓе умираат од кардиоваскуларни болести, рак, хронични респираторни болести, дијабетес и слични болести, според СЗО. Овие смртни случаи можеле да се спречат со ефективни јавноздравствени мерки или да се третираат со навремен пристап до квалитетна здравствена заштита, истакна СЗО.
Од овие смртни случаи кои можеле да се избегнат, 60 проценти се поврзани со причини како што се пушење и алкохол, висок крвен притисок, нездрава исхрана, дебелина и недоволна физичка активност, што може да се реши со посилни политики за јавно здравје.
Според СЗО, останатите 40 проценти можеле да се спречат или одложат со навремена дијагноза и пристап до квалитетна нега.
– Незаразните болести не само што можат да се спречат или лекуваат. Тие исто така главно се игнорираат, изјави регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.
– Утврдивме дека речиси два милиони смртни случаи годишно може да се избегнат со подобра превенција или лекување, со заштеда на милијарди долари во здравствени трошоци … Имаме моќ и алатки да ги промениме работите, рече тој.
Разликите меѓу земјите во регионот се намалија од 2010 година, но и понатаму се изразени, според СЗО. Ризичните фактори кои можат да се спречат, како што се пушењето, дебелината, високиот крвен притисок и дијабетесот, се во пораст и сè повеќе се концентрирани во источниот дел на регионот. Во меѓувреме, смртноста од кардиоваскуларни болести и рак што може да се спречи останува непропорционално висока кај мажите, се вели во извештајот.