СЗО ѝ дозволи на палестинската делегација да го користи своето знаме

Во моментов, Палестина има статус на набљудувач во СЗО, организација која се наоѓа во процес на институционална трансформација, особено по најавата за повлекување на САД

На денешното годишно собрание на Светската здравствена организација (СЗО) во Женева, палестинската делегација доби симболична, но значајна дипломатска победа – правото да го истакнува своето државно знаме во рамките на организацијата.

Предлогот, инициран од Кина, Пакистан, Саудиска Арабија и други земји, беше усвоен со 95 гласа „за“, 4 „против“ (Израел, Унгарија, Чешка и Германија), додека 27 држави беа воздржани. САД, главниот сојузник на Израел и најголем донатор на СЗО кој најави повлекување од организацијата, не учествуваше во гласањето.

„Ова е мала зрак надеж за храбриот палестински народ чии страдања достигнаа неподносливо ниво“, изјави либанската делегатка Рана ел Хури, алудирајќи на уништувачкиот конфликт меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Иако ова е претежно симболичен чин, многу Палестинци го доживуваат како чекор напред во нивната долготрајна борба за меѓународно признавање. „Станува збор за симболика, но и потврда дека сме дел од меѓународната заедница и сакаме да придонесеме за здравствените потреби“, изјави Ибрахим Храиши, палестинскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева за агенцијата Reuters. Тој додаде дека се надева на полноправно членство на Палестина во СЗО и сите форуми на ОН.

Политичко значење и поширок контекст

Одлуката доаѓа во момент кога Општото собрание на ОН минатата година ја поддржа кандидатурата на Палестина за полноправно членство, а Франција најави дека би можела да ја признае палестинската држава. Иако речиси 150 држави веќе ја признале Палестина, некои големи сили – меѓу нив САД, Обединетото Кралство, Германија и Јапонија – сè уште не го сториле тоа.

Франција и Јапонија гласаа „за“ резолуцијата, додека Велика Британија беше воздржана.

Во моментов, Палестина има статус на набљудувач во СЗО, организација која се наоѓа во процес на институционална трансформација, особено по најавата за повлекување на САД. Минатата недела, Палестинците добија и право да примаат итни здравствени известувања согласно со Меѓународните здравствени прописи на СЗО – сет глобални правила за следење на избувнување на заразни болести.

Овој потег може да се гледа како уште еден чекор во меѓународното позиционирање на Палестина, особено во време на зголемени дипломатски напори да се обезбеди пошироко признавање на нејзината државност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни