Светското првенство во 2034 ќе биде без алкохол

На фудбалските навивачи нема да им биде дозволено да консумираат алкохол на Светското првенство во 2034 година во Саудиска Арабија. Домаќините не планираат да воведат никакви исклучоци за турнирот, со оглед на тоа што земјата има строга забрана за алкохол повеќе од 70 години.
Фото: Hubert Figuière/Flickr

ФИФА во декември потврди дека Саудиска Арабија ќе биде домаќин на Светското првенство за мажи во 2034 година. Саудискиот амбасадор во Обединетото Кралство, принцот Калид бин Бандар Ал Сауд, потврди за LBC дека алкохолните пијалоци нема да бидат достапни за купување никаде за време на турнирот – вклучувајќи хотели, ресторани и стадиони.

„Во моментов не дозволуваме алкохол“, рече принцот Калид. „Забавата е можна без алкохол – тој не е нужно неопходен, а ако сакате да пиете, можете да го направите тоа откако ќе ја напуштите земјата. Меѓутоа, во овој момент алкохолот кај нас не е достапен“, додаде тој.

На прашањето дали тоа значи дека навивачите ќе можат да консумираат алкохол барем во хотелските соби, како што беше случајот на Светското првенство во 2022 година во Катар, амбасадорот појасни: „Не, алкохолот никаде нема да биде достапен“.

„Секоја земја има своја култура. Ние сме среќни што сме домаќини на луѓе во рамките на нашата култура, но не сакаме да ја промениме нашата култура за другите. И покрај тоа, зарем навистина не можете да живеете без да пиете?“

Навивачите на фудбалот кои ќе ги прекршат овие закони за алкохол може да се соочат со казни како што се затворска казна, парични казни или депортација.

Катар дозволи продажба на алкохол во одредени фан зони и хотелски барови за време на Светското првенство во 2022 година. Сепак, на само два дена пред почетокот на турнирот, тие донесоа одлука алкохол сепак да нема на стадионите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни