Светски ден на превенција на самоубиства- 720.000 луѓе во светот се самоубиваат секоја година

Самоубиството е трета водечка причина за смрт кај 15-29-годишниците. Седумдесет и три проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земјите со низок и среден приход. Над 120.000 самоубиства се случиле во Европа во 2021 година

Над 120.000 самоубиства се случиле во Европа во 2021 година, од кои повеќето од жртвите се мажи. Во светот повеќе од 720.000 луѓе годишно умираат поради самоубиство, потсетува Светската здравствена организација (СЗО) на Светскиот ден на превенција на самоубиства кој се одбележува денес на 10-ти септември. Самоубиството, статистички е трета водечка причина за смрт кај лицата на возраст од 15 до 29 години. Седумдесет и три проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земјите со низок и среден приход.

Најмногу самоубиства во светот има во Јужна Кореја и во Литванија, додека во Јапонија е алармантна стапката на смртност особено кај жените. Стапките на самоубиства пак се најниски во Турција, Грција, Израел и Јужна Африка, со пет или помалку смртни случаи на 100 000 жители.

Самоубиството не се случува само во земјите со високи приходи, туку е глобален феномен во сите региони во светот. Всушност, речиси три четвртини (73%) од глобалните самоубиства се случиле во земјите со низок и среден приход во 2021 година. Самоубиството е сериозен јавно здравствен проблем кој бара јавно-здравствен одговор. Со навремени интервенции засновани на докази и често евтини интервенции, самоубиствата може да се спречат. За националните одговори да бидат ефективни, потребна е сеопфатна мултисекторска стратегија за превенција од самоубиства.


Причините за самоубиство се повеќеслојни, под влијание на социјалните, културните, биолошките, психолошките и еколошките фактори присутни во текот на животот. За секое самоубиство има многу повеќе луѓе кои се обидуваат да се самоубијат. Претходниот обид за самоубиство е важен фактор на ризик за самоубиство кај општата популација. Исто така врската помеѓу самоубиството и менталните нарушувања (особено, депресијата и нарушувањата од употребата на алкохол) и претходниот обид за самоубиство е добро воспоставена во земјите со високи приходи. Сепак, многу самоубиства се случуваат импулсивно во моменти на криза со прекин на способноста за справување со животни стресови, како што се финансиски проблеми, спорови во врската или хронична болка и болест. Дополнително, доживувањето конфликт, катастрофа, насилство, злоупотреба или загуба и чувството на изолација се силно поврзани со самоубиствено однесување. Стапките на самоубиства се исто така високи кај ранливите групи кои доживуваат дискриминација, како што се бегалците и мигрантите; домородните народи, ЛГБТИ лицата и затворениците.

На Светскиот ден на превенција на самоубиството, од СЗО апелираат дека тие може да се спречат. Ако сте загрижени за некого, прашајте го директно: „Дали се чувствуваш самоубиствено?“

Потоа обидете се ја дадете потребната помош. Зборувањето за самоубиството може да спаси животи – па затоа, ајде да разговараме!

Инвестирањето во подобрувањето на менталното здравје може да ги намали стапките на самоубиство, порачуваат од СЗО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни