Адидас се рекламираше на погрешен и незаконски начин тврдејќи дека ќе биде климатско неутрална компанија до 2050 година. Ова е одлуката на Окружниот суд Нирнберг-Фирт.
Тужбата беше поднесена од германската еколошка организација Deutsche Umwelthilfe, која рече дека рекламата, која компанијата сега ја отстрани од својата веб-страница, е пример за „зелено перење“.
Адидас не објасни точно, како планира да постигне климатска неутралност, а погрешно е мислењето дека тоа може да се направи само со намалување на емисиите на стакленички гасови, пишува Deutsche Umwelthilfe, пренесе dpa.
Компанијата всушност планира да користи сертификати за компензација на емисии за да ги постигне своите цели, велат од еколошката организација.
„Адидас ги измами клиентите со лажно ветување за наводна климатска неутралност“, нагласи директорот на Deutsche Umwelthilfe, Јирген Реш.
Адидас рече дека пресудата не бара никакви дополнителни чекори, бидејќи веќе ја промени спорната порака во август минатата година.
„Нашите планови и цели за намалување на емисиите остануваат непроменети“, изјави портпаролот на компанијата.
Напредокот, додаде тој, е веќе видлив, бидејќи од 2022 година вкупните емисии, вклучувајќи ги и оние од синџирот на снабдување, се намалени за 20 отсто, пренесува Фонет.