Младата естонска атлетичарка Алика Инкери Мосер денеска успеа да го прескокне летвичето на висина од неверојатни 4.52 метри, со што се запиша во историјата на младинската атлетика. Рекордниот скок беше изведен на Градскиот стадион во Скопје, пред бројна публика која го поздрави овој историски момент.
Погледнете го видеото од рекордниот скок на Алика Инкери Мосер.
Овој извонреден успех претставува силен почеток на EYOF 2025, кој обединува млади спортски надежи од цела Европа. Настанот, кој е од исклучително значење за промоција на спортот и младинскиот дух, добива дополнителна тежина со овој светски рекорд поставен токму на македонско тло.
EYOF Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортови: атлетика, пливање, кошарка, 3×3 кошарка, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски и планински велосипедизам, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо. Натпреварите ќе се одржуваат на спортски терени со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека спортската гимнастика ќе се одржи во Осиек, Хрватска, во соработка со Европските олимписки комитети и Хрватскиот олимписки комитет.
Повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, службени лица и претставници на тимови се очекуваат на фестивалот, како и стотици новинари, волонтери и гости. Северна Македонија ќе ја претставува рекорден број од речиси 200 млади спортисти – најголема делегација во нашата EYOF историја.
Покрај спортските натпревари, EYOF ќе понуди и богат културен и едукативен програм, фан-зони, работилници, интерактивни активности со Европските млади олимписки амбасадори и настапи на официјалната маскота – Шајни.