Светските медиуми пишуваат дека кризата во Франција е и криза на цела Европа
Длабоката политичка криза во Франција ја тресе целата Европска Унија бидејќи француската економија е втора најсилна во ЕУ и Еврозоната и досега, заедно со Германија, беше ‘рбетот и темелот на заедничкиот европски проект, според мнозинството медиуми и аналитичари во ЕУ.
Тие предупредуваат дека пропаднатата моќ на францускиот претседател Емануел Макрон и неможноста на партиите да се договорат за извлекување на земјата од тешка економска криза и огромен јавен долг, отвора пат за екстремната десница да ја освои власта.
Италијанскиот весник „Република“ заклучува дека Макрон ја турнал земјата во хаос, а „судбината на Европа во голема мера зависи од Франција, која стана слаба алка во синџирот на ЕУ“.
Белгискиот весник „Соар“ смета дека „францускиот хаос е автопат за крајната десница и опасност за Европа“, бидејќи најмоќната крајно десничарска партија во земјата „Национално собирање“ сега бара парламентарни и претседателски избори во земјата.
Францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, се потсетува во анализите, штотуку апелираа за „оживување“ на демократијата во Европа, за која велат дека е загрозена од ерозијата на довербата во институциите и „оската на автократските држави“.
„Соар“ во својот уреднички текст вели дека неодговорноста на политичките партии, кои се заинтересирани само за власт, а не за извлекување на земјата од кризата, ја „торпедира француската демократија“.
Политичките аналитичари и медиумите, исто така, го осудуваат претседателот Макрон, кој целосно неодговорно ги распиша вонредните парламентарни избори во јуни 2024 година, што предизвика нерешлива политичка криза.
Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува дека „дошло до невидена дезинтеграција во Франција“ и го поставува прашањето „дали таа земја воопшто може да се управува и управува“.
„Политичка криза невидена со децении“, смета шпанскиот весник „Паис“ и заклучува дека само радикална промена би спречила целосна блокада на Франција.
Според мислењето на грчкиот весник „Нафтеборики“, во Франција се појавила митолошка ситуација во која францускиот претседател Макрон „не е некаков современ Јупитер, туку богот на времето, Хронос, кој ги изел сопствените деца од страв да не биде соборен од власт“.
Италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ заклучува дека „Франција потонала во понижувачка состојба и станала извор на загриженост за Европа“.
Американскиот „Волстрит џурнал“ предупредува дека оставката на четвртиот премиер за кратко време „ја интензивира политичката неизвесност на Франција, која се соочува со сериозни финансиски предизвици и неможност за намалување на буџетот“.