Трн: Каква е моменталната состојба со биодиверзитетот на рибниот фонд во Охридското Езеро?
Благоја: Охридското езеро е дом на 23 видови риби кои припаѓаат на четири фамилии. Од нив 17 се автохтони видови, од кои пет се ендемични и живеат единствено во Охридско езеро. Од останатите видови голем број се балкански ендемити, со што може да се каже дека Охридското Езеро е езеро со висок степен на ендемизам, што се однесува до рибната фауна. Во езерото исто така живеат и шест алохтони видови риби, кои во различни периоди низ историјата се интродуцирани во езерото.

Трн: Охридското Езеро е дом на некои уникатни рибни видови. Кои видови се карактеристични за езерото и кои се од особена важност за зачувување?
Благоја: При прво спомнување на Охридско езеро, прва асоцијација за риба е секако охридската пастрмка, и нејзината препознатливост довело до тоа да стане симбол на Охридското езеро. Пастрмката заедно со белвицата се претставници на фамилијата Salmonidae (пастрмки) и се дел од групата на ендемични видови риби. Овие два вида на риби се и главна цел на стопанскиот риболов на езерото, со што имаат двојно значење. Но во езерото живеат и голем број други видови риби кои се одлика на карактеристичната еволуција на живиот свет во Охридското езеро. Тука може да се спомнат и останатите ендемични видови како охридското грунче (Pelasgus minutus), охридската штипалка (Cobitis ohridana), охридскиот камнар (Barbatula sturanyi) и други ,кои можеби не ја уживаат популарноста на пастрмката но се од големо значење за разбирање на уникатноста на ихтифауната на Охридското езеро. Со оглед на тоа јас би рекол дека сите видови риби се важни за зачувување како нераскинлив дел од овој екосистем.
Трн: Какви се најголемите предизвици во одржувањето на биодиверзитетот на рибниот фонд во Охридското Езеро?
Благоја: Најголемите предизвици со кои се соочуваат популациите риби во езерото се за жал од антропоген карактер. Човековото влијание врз езерото како животна средина на рибите, директно или индиректно, може да индуцира негативни влијанија врз нивните живеалишта и плодишта, да ја ограничи достапноста на храна, да ја наруши нивната добросостојба и бројноста на популациите. Сите овие појави би можело да имаат силен ефект врз динамиката на популациите на риби во езерото. А тоа засилено со климатските промени на кои сме сведоци во последно време, може да има далекусежни последици во иднина.
Трн: Какво влијание имаат климатските промени на екосистемот на Охридското Езеро и неговиот рибен фонд?
Благоја: Климатските промени може да влијаат врз генералното нормално функционирање на рибите во нивната животна средина, преку губење на рибни плодишта, намалување на извори на храна, појава на конкуренција за ресурси помеѓу различни видови риби, појава на хибридни форми поради преклопување на плодишта и многу други негативни ефекти. Влијанието на климатските промени е евидентно во последните години, и иако во моментот нема некои драстични негативни ефекти врз рибните популации во Охридско езеро, мора внимателно да се прати состојбата бидејќи климатските промени заедно со антропогените влијанија може да нанесат силни негативни последици. За пример би го зел соседното Преспанско езеро, каде поради намалување на водената површина, голем дел од природните рибни плодишта се на суво, и состојбата се влошува од година во година.

Трн: Како хидроцентралите, индустриското загадување и неуредениот риболов влијаат на рибниот фонд во Охридското Езеро?
Благоја: Еден од најголемите негативни ефекти од хидроцентралите изградени во минатиот век на реката Црн Дрим е попречување на природниот пат на јагулата. Реката Црн Дрим излегува од Охридското езеро и претставува природна конекција со Јадранското море, како и со Скадарското езеро. Всушност голем дел од видовите риби од Охридско езеро се ендемити за Охрид-Дрим-Скадар екосистемот што укажува на директната конекција помеѓу овие водни тела низ историјата. Јагулата има карактеристичен животен циклус при што мигрира од слатките води на езерата и реките од Европа, преку Aтланскиот океан до водите на Саргасово море, каде ги изведува репродуктивните активности, а добиеното потомство го поминува истиот пат назад до слатките води на Европа каде живее до достигнување на репродуктивна зрелост и го повторува циклусот. За жал јагулата од Охридско езеро не е во можност да го реализира ова патување и останува заробена во него.
Неуредениот риболов како што го нарекувате, односно криволовот/рибокрадството е долготраен и сеприсутен проблем на Охридското езеро години наназад па се до денес. Секако дека неконтролираниот излов на риби претставува закана по популациите, особено ако се земе во предвид дека мета на ваков риболов се стопански најатрактивните видови, пастрмката и белвицата кои како што рековме се и од големо значење поради нивниот ендемичен статус, како и крапот. Употребата на недозволени риболовни алати, кои неселективно ловат големини на риби под пропишаните норми, неконтролиран излов на големи количини риби, нарушување на природниот мрест на рибите, сето тоа може да има големи негативни последици врз популациите на таргетираните видови риби.
Што се однесува до индустриско загадување Охридскиот регион е слабо индустриски развиен, особено со тешка индустија, со што Охридското езеро сеуште нема голем притисок од таа гледна точка. Но сепак во последните години во околината на сливното подрачје на езерото, во близина на реките кои се вливаат во него, има развој на одредени индустриски капацитети, со што и овој аспект треба да се следи внимателно.

Трн: Какви се последиците од инвазивните видови риби на автохтоните видови во Охридското Езеро?
Благоја: Како што напоменав претходно, во Охридското езеро има 6 алохтони – интродуцирани видови од кои за 4 може да се каже дека имаат стабилни, одржливи популации. Секој внесен вид во одреден екосистем, кој не припаѓа на тој екосистем, во одредени услови може да покаже инвазивни карактеристики. Поради тоа строго треба да се избегнува внесување на видови (како риби, така и други видови организми) од еден во друг екосистем, а особено во специфични екосистеми како што е Охридското езеро. Алохтоните видови риби во Охридското езеро се внесени најголем број во втората половина на минатиот век (некои намерно, некои по случаен пат), и децении коегзистираат во автохтоните видови риби. Моментално не е забележан негативен ефект врз автохтоните видови риби, но состојбата бара внимателно следење, бидејќи во даден момент може да се створат услови некој од овие видови да почне да покажува инвазивни карактеристики. Тоа особено важи за сончарката (Lepomis gibbosus) која низ голем број водни тела низ Европа е означена како силен инвазивен вид. Оваа риба има капацитет да влијае негативно врз целиот биодиверзитет, не само врз рибите, со оглед на тоа што како главна храна ги користи малите безрбетници (инвертебрати), од кои голем дел во Охридското езеро се ендемски видови.
Трн: Колку се изразени човечките активности во близина на езерото во однос на загрозувањето на рибниот фонд?
Благоја: Најголем дел од притисоците врз езерото, а со тоа и врз рибите се од човечки карактер. Тука може да се спомнат неконтролираниот риболов, урбанизацијата на езерското крајбрежје која се повеќе и повеќе се интензивира, неконтролирано испуштање на отпадни фекални води од домаќинствата во езерото, особено околу крајбрежјето и реките кои се вливаат во него, зголемената употреба на моторни чамци и сл. Сите овие наведени активности најголем дел се насочени кон литоралниот/крајбрежниот дел на езерото каде и всушност се движат најголем дел од рибните популации. Сите овие активности може негативно да влијаат врз нормалното функционирање на рибите како потрага по храна, репродуктивни активности и општо врз нивната добросостојба.
Трн: Кои мерки се преземаат за заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро, и какви се резултатите од нив?
Благоја: Како активни мерки за заштита се регулативите кои постојат за контролирање на риболовот на Охридското езеро во форма на риболовни основи. Тие ги регулираат количините дозволени за излов по вид на риба, големината на риба дозволена за лов, како и забраните за риболов за време на мрестот на различните видови риби. Министерството за внатрешни работи заедно со Државниот инспекторат за земјоделство водат континуирана борба со рибокрадците во езерото, при што се запленуваат големи количини на уловена риба и риболовни алати. Дел од мерките на заштита пропишани со закон е и вештачкиот мрест на охридската пастрмка кој се изведува и на македонска и на албанска страна. Ембрионите се одгледуваат во три репроцентри еден во Албанија и два во Македонија од кој еден е ЈНУ Хидробиолошки Завод – Охрид. Друга активна мерка која е важно да се напомене е вадењето на мрежи “духови” од езерото.
Трн: Дали постојат активности или проекти кои го поддржуваат обновувањето на рибниот фонд во езерото, како што се преселувањето или заштитата на некои специфични видови?
Благоја: Една од основните активности на ЈНУ Хидробиолошки Завод – Охрид од неговото основање во 1935 година до денес, е изведување на вештачкиот мрест на охридска пастрмка – од вештачко оплодување до одгледување на ембрионите и ларвите, се до нивно враќање назад во езерото. Моментално се вршат истражувања за вештачко ополодување и на други видови риби, со цел изготвување на методологии кои би биле користени во конзервациони цели доколу има потреба. Исто така, работени се и се работат бројни истражувања за мониторинг на популациите на риби, навремено детектирање на притисоците со кои се соочуваат рибите и одредување на нивната добросотојба. Друга активност која ЈНУ Хидробиолошки Завод – Охрид ја изведува, во соработка со нуркачки екипи од нуркачкиот центар Амфора од Охрид, а има директно влијание врз заштита на рибниот фонд е отстранувањето на мрежи “духови”. Тоа се мрежи кои останале потопени во водите на езерото од различни причини и неселективно ловат риби за целиот перид дури се наоѓаат во езерото.
Трн: Каква е улогата на локалните риболовци и граѓаните во зачувувањето на биодиверзитетот на рибите во Охридското Езеро?
Благоја: Риболовците од охридскиот регион имаат голема улога во заштита и одржување на рибниот фонд во езерото. Таа улога би била ефективна преку користење на адекватен риболовен алат, почитување на периодите на природен мрест на рибите и апстинирање од риболов во тие месеци, ловење на риби со соодветна големина. Тие треба да имаат континуирана соработка со соодветните научни тела како што е ЈНУ Хидробиолошки Завод – Охрид, и соодветните министерства за насоки за подобро менаџирање на стопанскиот и рекреативниот риболов. Сето тоа може да има позитивен ефект како за рибните популации така и за риболовците кои зависат финансиски од риболовот.

Граѓаните исто така може да имаат улога во зачувување на биодиверзитетот, а тоа најмногу може да се постигне со едукација за рибниот фонд односно запознавање со различните видови риби и нивните особености, предизвиците со кои се соочуваат, како и можните насоки и решенија за одредени проблеми. Таа едукација треба да почне од најмала возраст, за кај децата да се всади идејата за уникатноста на рибите од Охридското езеро, како и за значењето на целиот екосистем на ова езеро што го има во светски рамки.
Трн: Што е најважно што треба да се направи во наредните години за да се обезбеди одржлива заштита и развој на рибниот фонд во Охридското Езеро?
Благоја: Првично потребна е континуирана, взаемна комуникација и соработка помеѓу сите засегнати страни: риболовците и концесионерите кои стопанисуваат со стопанскиот риболов, ресорните министерства и инспекторати, научните институции како ЈНУ Хидорбиолошки Завод – Охрид и секако граѓаните од градовите и селата од крајбрежјето на Охридското езеро. Сите ние имаме задача да се бориме за заштита на рибните популации и целиот екосистем на Охридското езеро. Од големо значење е билатерланото усогласување на регулативите за рибарство со Р.Албанија со оглед на тоа што го делиме Охридското езеро, а со тоа и неговиот рибен фонд. Исто така од голема важност е изведување на мониторинг на рибните популации во езерото со цел добивање информации за нивната динамика со што би се работело на конкретни решенија за нивно менаџирање и конзервација, како и за состојбата на алохтоните видови риби чија контрола треба да биде од приоритетно значење. Исто така важно е и изведувањето на континуирани научни истражувања од сите ихтиолошки аспекти од чии резултати би се согледала состојбата на рибните популации низ подолг временски период и од различни аспекти.
Трн: Дали постојат соработки со други земји или меѓународни институции за заштита на екосистемот на Охридското Езеро и неговите риби?
Благоја: Со оглед на тоа што Охридското езеро го делиме со соседна Албанија, соработка со експерти од нивна страна е неизбежна и задолжителна. Оттука, соработката постои на ниво на усогласување на регулативите за риболов на Охридското езеро помеѓу двете земји, што е од големо значење за аплицирање на адекватна заштита на рибниот фонд, а исто така и при изведувањето на билатерални научни истражувања во таа функција. Поради големото значење на Охридското езеро во глобални рамки биле изработувани и се работат бројни истражувања и проекти со институции од бројни земји од Европа и светот.

Трн: Каква е вашата порака за Светскиот ден на водите во контекст на заштита на Охридското Езеро и неговите природни ресурси?
Благоја: Охридското езеро претставува огромно природно богатство на кое ние имаме среќа секојдневно да му се восхитуваме, како што му се восхитувале илјадници генерации наназад низ историјата. Наша исконска цел треба да биде борбата за негова заштита и заштитата на неговиот жив свет, за и идните генерации кои доаѓаат после нас да ја имаат таа можност да сведочат на убавините на овој уникатен и единствен во светот екосистем. И ќе завршам со еден цитат од книгата “Охридскотo езеро и неговиот жив свет” од големиот научник Синиша Станковиќ, човекот заслужен за основањето на ЈНУ Хидробиолошки Завод – Охрид:
„Незабoравен е впечатокот што се добива при првата средба со Охридското езеро. Човекот би рекол дека пред себе има едно парче море истргнато од океанот и фрлено меѓу недостапните планини што го опкружуваат од сите страни. На Езерото навистина му одговара името македонско слатководно море, и тоа не само по топлата сина боја, која е поинтензивна од небесното синило”.