Радиото останува еден од највлијателните медиуми кој е отпорен на времето, достапен за сите и моќен во својата едноставност. Од пренесување на вести и културни содржини до информирање за итни состојби, радиото е платформа која ги поврзува заедниците, дава глас на маргинализираните групи и поттикнува дебата и слобода на изразување. Иако денес светот е преплавен со различни комуникациски канали, радиото останува најшироко достапната медиумска платформа, со милијарди слушатели ширум светот.
Во Македонија, првото радио емитување се случило на 28 декември 1944 година, кога од штотуку ослободениот Скопје започнала да емитува програмата „Радио Скопје“. Овој историски момент означи почеток на радио-новинарството во земјата, а со текот на времето, радиото стана важен дел од општествениот и културниот живот. Денес, македонскиот етер е исполнет со јавни, локални и комерцијални радио-станици кои го продолжуваат духот на информирање, едукација и забава, прилагодувајќи се на новите технологии и начини на комуникација.