Светскиот ден на пицата го слави едно од најпопуларните јадења во светот – пицата, која никогаш не излегува од мода. Од скромен оброк на југот на Италија, пицата прерасна во глобален симбол на уживање, креативност и мајсторство во готвењето.
Неапол, лулката на пицата, и понатаму привлекува љубители од целиот свет. Тука се легендарни пицерии како „Antica Pizzeria Port’Alba“, „Da Michele“, „Сорбило“ и „Бранди“, каде е создадена прочуената пица Маргарита. Тие покажуваат дека вистинската пица не се мери по сложеноста, туку по совршената изведба.
Познатите светски шефови ја истакнуваат уникатноста на пицата: Масимо Ботура ја смета за рамнотежа меѓу традицијата и личниот печат, Гордон Ремзи ја гледа како совршено подготвено тесто, а Џејми Оливер ја дефинира како јадење што зближува луѓето. Франко Пепе, еден од најпочитуваните пицамајстори денес, ја враќа пицата кон корените, со акцент на состојките, времето и локалната заедница.
Пицата е посебна затоа што се дели, се јаде со радост и создава чувство на удобност. Маргаритата останува вечен симбол на едноставност и совршена рамнотежа: тесто со добра ферментација, зрели домати, моцарела, свеж босилек и маслиново масло. Со спојувањето на овие состојки на висока температура се создава вкус што го освојува светот со децении.
