Денес светот го одбележува Светскиот ден на пчелите. Се слави секоја година на 20 мај, на роденденот на Антон Јанша од Словенија, кој се смета за основоположникот на модерното пчеларство.
Предлогот за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил даден од страна на Словенија и бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година „со цел да се потсети на важноста на опрашувачите, загрозеноста на нивниот опстанок и нивниот придонес за одржлив развој“.
За првата прослава на Меѓународниот ден на пчелата во 2018 година, Словенија издала спомен-монета од 2 евра.
Празнувањето на Меѓународниот ден на пчелата има за цел да го привлече вниманието кон огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата кои се клучни за опстанокот на нашите екосистеми, потоа добивањето мед и други пчеларски производи.
Денес пчелите се соочуваат со закана од губењето на живеалиштата, а пестицидите и климатските промени го загрозуваат нивното постоење и нашата биолошка разновидност.
Опрашувачите каде спаѓаат и пчелите, се од суштинско значење за безбедноста на храната, поддржувајќи над 75% од прехранбените култури во светот и 35% од земјоделското земјиште.