Светски ден на Охридското Езеро: Нашето синило што не треба да избледи
Денес го славиме Охридското Езеро – нашето синило, нашето слатководно море, нашата научна и природна гордост. На 21 јуни, Светскиот ден на Охридското Езеро, повторно се потсетуваме колку е значајно ова езеро не само за Македонија, туку и за целата планета.
Со старост од над 1,3 милиони години и со преку 200 ендемични видови, Охридското Езеро претставува жив фосил – природен музеј во кој времето тече поинаку. Во него, науката и митот, екологијата и духовноста, коегзистираат на начин што ретко се среќава на друго место во светот.
Но убавината на езерото е само една страна од приказната.
„Најголемите предизвици со кои се соочуваат рибите во езерото се од антропоген карактер,“ вели м-р Благоја Трајчевски, експерт за водни екосистеми при Хидробиолошкиот завод – Охрид. Во разговор за „Трн“, тој укажува на низа закани: загадување, прекумерен риболов, климатски промени, урбанизација на крајбрежјето и зголемен сообраќај со моторни пловила.
Езерото е дом на 23 видови риби, од кои 17 се автохтони, а пет се ендемични и постојат само тука. Најпозната е охридската пастрмка, но под водите се кријат и други незабележани богатства, како охридскиот камнар, охридското грунче и охридската штипалка. Овие скромни суштества се клучни за разбирање на биолошката уникатност на езерото.
„Сите видови се важни за зачувување – тоа е нераскинлив екосистем,“ истакнува Трајчевски.
Како посебно загрижувачка појава, тој го посочува „криволовот“ – проблем присутен со децении. Иако постојат регулативи и инспекциски контроли, незаконскиот риболов сè уште го загрозува најценетиот подводен живот. Дополнително, алохтоните (интродуцирани) видови, како сончарката (Lepomis gibbosus), во иднина може да станат сериозна закана за автохтоната фауна.
И покрај сето тоа, постојат светли точки. Хидробиолошкиот завод спроведува вештачки мрест на пастрмката, мониторинг на популациите и вадење на т.н. „мрежи духови“ – оставени рибарски алати што бесцелно убиваат. Постои и соработка со Албанија, бидејќи езерото е заедничко, а грижата за него – обврска од двете страни.
„Наша исконска цел треба да биде борбата за заштита на езерото и неговиот жив свет, за и идните генерации да имаат можност да сведочат на убавините на овој уникатен екосистем,“ вели Трајчевски.
Охридското Езеро не е само биолошки бисер — тоа е и духовен и културен центар на Македонија. Бреговите на езерото се украсени со древни цркви, манастири, археолошки локалитети и градби кои сведочат за вековната историја и културен развој на овој регион. Градот Охрид, заедно со езерото, е на листата на Светско наследство на УНЕСКО уште од 1980 година.
Во длабочините на езерото се кријат приказни постари од цивилизацијата, но и современи предизвици кои бараат одговорност и визија.
Нека денешниот ден не биде само симболично одбележување, туку повик за акција. Да го чуваме езерото не како спомен од минатото, туку како залог за иднината. Зашто ако нешто навистина вреди да се пренесе на идните генерации – тоа е трепетот на охридското синило.