Светскиот ден на љубезноста, кој се одбележува на 13 ноември, служи како потсетник на важноста на малите, но и големите дела што го разубавуваат секојдневието.
Да се биде љубезен може да значи многу: да споделите слатки со пријател, да му помогнете на некој што се мачи или едноставно да му измамите насмевка. Во суштина, тоа значи да размислувате за чувствата на другите и да најдете начин да ги направите да се чувствуваат подобро, пренесува Index.hr.
Како започна сè?
Светскиот ден на љубезноста е воведен во 1998 година по иницијатива на организацијата World Kindness Movement. Тоа е глобално движење што не е поврзано со ниту една религија или култура, а идејата за посебен ден посветен на љубезноста се родила на нивен состанок во Јапонија. Целта била да се инспирираат поединци и нации да создадат пољубезен и похуман свет.
Главната мисија на овој ден е да се промовира љубезност, сочувство и позитивна општествена промена, како и да се потсетат луѓето на значењето на малите секојдневни добри дела кои можат да имаат голем ефект врз туѓите животи.
Дополнително, денот има за цел да ги охрабри општествата да ја намалат негативноста, да ја подигнат свеста за важноста на меѓучовечките односи и да промовираат заемно почитување – независно од културните, етничките или верските разлики. Љубезноста не е само индивидуален гест, туку и колективен напор за градење заедници во кои владеат разбирање и почит.
Зошто е важно да бидеме љубезни?
Интересно е што љубезноста не им користи само на оние што ја примаат. Иако едно ваше дело може некому да му го разубави денот, научните истражувања покажуваат дека добрината е корисна и за оној што ја покажува.
Чинот на љубезност може да го зајакне имунитетот, да го намали стресот, да ви даде повеќе енергија, а позитивно влијае и врз здравјето на срцето.
Извор: N1info.rs
