11 октомври – Светски ден на девојчињата

Светски ден на девојчињата: Секоја осма девојка жртва на сексуална злоупотреба

По повод Светскиот ден на девојчињата, УНИЦЕФ за првпат ги претставува резултатите од истражувањето за сексуално насилство врз девојчиња и малолетници. Во воените и кризните подрачја, бројот на жртви е особено висок.
Фото: © UNICEF/UNI424961/Joseph

Податоците од истражувањето на УНИЦЕФ се особено шокантни, а во исто време веројатно не го претставуваат целосниот обем на сексуално насилство. Секоја осма девојка во светот претрпела силување или сексуална злоупотреба пред да наполни 18 години. Во светот се погодени 370 милиони девојчиња и малолетни девојки.

Девојките на возраст меѓу 14 и 17 години се особено изложени на ризик, вели Клаудија Капа, експерт за заштита на децата во УНИЦЕФ во Њујорк и раководител на истражувањето. Дека физичкото насилство кај девојчињата предизвикува длабока и долготрајна траума, објаснува таа: „Тие страдаат поради тоа цел живот и размислуваат за тоа цел живот. Тоа има не само емоционални, туку и психолошки последици“.

Насилниците често се мажи од семејниот круг на кои девојките всушност им верувале. Детската агенција на Обединетите нации (УНИЦЕФ) оценува дека е „срам за нашата морална свест“. Ако вклучите вербално сексуално насилство, како и онлајн напади, тогаш секоја петта девојка ширум светот е засегната.

УНИЦЕФ ги претстави овие бројки за прв пат. Податоците доаѓаат од репрезентативни истражувања во 120 земји, кои се спроведени во периодот од 2010 до 2022 година. Резултатите од истражувањето се однесуваат на 80 отсто од светската популација, објаснува Капа: „Тоа се анкети на домаќинствата спроведени од државните статистички заводи. Според тоа, станува збор за проценки, а не за конкретни бројки“.

Затоа, може да се каже дека сексуалното насилство врз девојчињата е присутно на сите континенти и во сите културни кругови. Бројот на жртви е особено висок во воените или кризните региони. Секоја четврта девојка е жртва на силување или друго сексуално насилство. Во војните, силувањето и другата сексуална злоупотреба на малолетни жени се цел и се користат како оружје.

Капа бара од сите земји во светот да направат повеќе за подобра заштита на девојчињата од сексуално насилство и тоа да не биде само построги казни за сторителите

„Мораме да се бориме против сексуалната неправда, како и против погрешните сфаќања за мажественоста и мислењето на мажите за сексуалните барања, како и против стигматизирањето на жртвите“.

И покрај тоа што УНИЦЕФ се фокусира на сексуалното насилство врз девојчињата по повод Светскиот ден на девојчето – 11 Октомври, исто така истакнува дека и момчињата се жртви на силување и злоупотреба. Но се уште нема доволно податоци на таа тема и има голем број на жртви кои не пријавуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни