Денес се одбележува Светскиот ден на театарот и изведбите за деца и млади, меѓународен ден што го предводи ASSITEJ International со порака дека пристапот на децата до уметност и култура не е луксуз, туку право. Годинашното мото е „Правата на децата на сцена“, а фокусот е ставен на тоа дека децата не треба да бидат само публика што повремено се забавува, туку рамноправни културни учесници со право на театар, имагинација, изразување и присуство во јавниот културен живот.
Но овој ден не доаѓа само со пораки, туку и со една непријатна локална слика. Според Државниот завод за статистика, во сезоната 2024/2025 во театрите за деца и млади во Македонија биле реализирани 27 дела и 163 претстави, со 16.534 гледачи. Во споредба со сезоната 2023/2024, бројот на претстави во професионалните театри за деца и млади е намален за 24,9 проценти, а бројот на посетители за 30,9 проценти. Тоа е пад што тешко може да се игнорира, особено ако зборуваме за културна сфера што директно ја обликува првата средба на децата со уметноста.
Овие бројки се особено важни затоа што доаѓаат по една претходна сезона во која беше забележан раст. Во 2023/2024, бројот на претстави во професионалните театри за деца и млади пораснал за 14,8 проценти, а посетеноста била зголемена за 0,6 проценти во однос на 2022/2023. Со други зборови, не станува збор за континуиран пад со години, туку за нестабилен систем во кој детската култура лесно може да стане прва жртва на недоволна поддршка, слаб опфат или ограничена достапност.
Токму затоа глобалната пораката на ASSITEJ оваа година има пошироко значење од симболично одбележување. Организацијата потсетува дека децата и младите под 18 години сочинуваат околу 29 проценти од светската популација, а сепак во многу општества остануваат културно маргинализирани само поради возраста.
Во светската порака се нагласува дека уметноста и културата за, со и од деца и млади се суштински дел од културната екологија, бидејќи токму таму се развиваат младите умови, критичката публика и чувството дека и детскиот глас има место во јавниот простор.
„Децата и младите сочинуваат речиси една третина од светската популација, но и натаму се културно маргинализирани во многу општества. Затоа културата за деца и млади мора да стане јасен општествен приоритет“, порачува Сју Џајлс, претседателка на ASSITEJ International.
Во македонски контекст, тоа отвора и едно пошироко прашање: дали детскиот театар се третира како суштински дел од културниот развој, или како споредна програма што лесно може да се оттурне на маргините? Ако бројот на претстави и гледачи паѓа, тогаш не зборуваме само за статистика, туку и за тоа колку децата навистина имаат пристап до културни содржини во живо, надвор од екраните, алгоритмите и комерцијалната забава. Театарот за деца не е само форма на анимација, туку простор во кој се учат внимание, емпатија, фантазија, јазик и чувство на заедништво.
„Светскиот ден на детските театри не е само прослава на театарот, туку и потсетник на правото на секое дете да создава, да учествува и да ја искуси магијата на сцената“, вели м-р Јулијана Мирчевска, претседателка на ASSITEJ Македонија.
Ова е уште поважно во време кога културното учество на децата станува сè повеќе нерамномерно. Пристапот не зависи само од тоа дали постои претстава, туку и од градот, училиштето, семејниот буџет, институционалната грижа и културната политика. ASSITEJ отворено нагласува дека кај децата пристапот до театар и изведувачки уметности во најголем дел зависи од одлуките на возрасните — дали тие ќе овозможат пристап, дали ќе го сметаат за важен и дали воопшто ќе го препознаат како право.
Затоа Светскиот ден на детските театри не е само ден за честитки и пригодни пораки. Тој е потсетник дека правото на децата на култура мора да се мери и преку реални услови: колку има претстави, колку деца стигнуваат до нив, дали се достапни низ земјата и дали институциите гледаат на оваа област како на инвестиција, а не како на додаток. Ако сакаме публика што знае да чувствува, да мисли и да поставува прашања, тогаш детскиот театар не смее да биде маргина. Токму таму започнува односот кон уметноста, а со тоа и односот кон општеството.