Светската банка ја зголеми прогнозата за економски раст во 2026 година на 2,6 отсто

Светската банка во извештајот „Глобални економски перспективи“ ја зголеми прогнозата за светскиот економски раст во 2026 година на 2,6 отсто, наведувајќи поголема отпорност на глобалната економија и пад на инфлацијата и цените на нафтата.

Светската банка во денеска објавениот извештај „Глобални економски перспективи“ ја зголеми прогнозата за светскиот економски раст во 2026 година од претходните 2,3 на 2,6 отсто.

Банката проценува дека глобалниот економски раст во 2025 година изнесувал 2,7 отсто, така што за оваа година се очекува само мало забавување.

Во извештајот се наведува дека глобалната економија покажала поголема отпорност од очекуваното, и покрај засилените трговски тензии и политичката неизвесност.

Во текот на минатата година економската активност била поддржана од зголемување на залихите, силен апетит на инвеститорите за ризик и силен раст на инвестициите во вештачка интелигенција, додека синџирите на снабдување се приспособиле на повисоките трговски бариери.

Побрзиот раст од предвидениот го заокружи петгодишното глобално закрепнување од рецесијата во 2020 година – најсилното во повеќе од шест децении – но во исто време ги прикри значајните разлики меѓу земјите, се додава во извештајот.

Додека развиените економии главно остварија силно закрепнување – при што речиси 90 отсто од нив го надминаа претпандемиското ниво на приход по жител – повеќе од една четвртина од земјите во развој и пазарите во подем сè уште не го достигнале нивото од 2019 година, особено најсиромашните земји и државите кои се соочуваат со институционална нестабилност.

Заменикот главен економист на Светската банка, Ајхан Косе, предупреди дека економскиот раст забавил, бидејќи во периодот од 2023 година до денес се движи меѓу 2,6 и 2,8 отсто, што е значително помалку во споредба со просекот од деценијата пред пандемијата, кога изнесуваше 3,2 отсто.

Глобалната инфлација во 2026 година би можела да се намали на 2,6 отсто, што е за 0,3 процентни поени пониско од претходно очекуваното.

Се проектира дека цената на суровата нафта од типот Брент ќе падне на 60 долари за барел во 2026 година, од просек од 69 долари во 2025 година.

Создавањето работни места останува приоритет, бидејќи 1,2 милијарди млади луѓе ќе достигнат работоспособна возраст на пазарите во развој во текот на следната деценија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни