Светската здравствена организација (СЗО) објави дека бројот на случаи на инфекција со коронавирус повторно се зголемува во одредени делови на светот, со појавата на нов вид на вирусот, означен како „NB.1.8.1“, но дека ризикот за јавното здравје во моментов се проценува дека е низок на глобално ниво.
Зголемување на бројот на заболени е регистрирано пред се во земјите од Источниот Медитеран, Југоисточна Азија и Западниот Пацифик.
Американските власти го идентификуваа новиот вид преку аеродромски надзор кај патниците кои пристигнале од тие региони во Калифорнија, Вашингтон, Вирџинија и Њујорк.
СЗО го класифицира како „сој под надзор“, што значи дека се следи за можно пошироко влијание, но во моментов не се смета за особено опасен.
Организацијата посочува дека засега нема докази дека овој вид предизвикува потешки форми на болеста во споредба со претходните варијанти на вирусот.
Се очекува и постојните вакцини да продолжат да обезбедуваат соодветно ниво на заштита.
Во меѓувреме, американските здравствени власти ги променија препораките за вакцинација.
Секретарот за здравство Роберт Кенеди Џуниор објави дека вакцините против коронавирусот повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени.
Во САД и на глобално ниво, доминантниот вид на коронавирусот во моментов е „LP.8.1“, но „NB.1.8.12“ брзо се шири и внимателно се следи
СЗО соопшти дека некои земји од Западен Пацифик пријавиле зголемување на случаите на Ковид и хоспитализација, но засега нема ништо што сугерира дека болеста поврзана со новата варијанта е поопасна во споредба со другите варијанти.