ЈУ Младински културен центар има огромна чест и задоволство да ја најави светската премиера на филмот “Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен а во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм “CPH:DOX” на 23 март 2024 година во Копенхаген, Данска.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Премиерата на филмот, која е закажана за 23 март 2024 во рамките на “CPH:DOX” ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот “Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот, ќе бидат отсвирени најпознтите песни од бендот Ефтеркланг, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.
Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регртурација на членови за новиот супер состав наречен “Ефтеркланг : Македониум бенд”, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.
Режисер на филмот е Андреас Јонсен, наградуван дански документаристички режисер чиј филм “Ai Weiwei: The Fake case” го отворил изданието на “CPH:DOX” во 2013 година.
Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
“Неверојатно сме возбудени за приликата да ете, се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на Ефтеркланг на музичкиот фестивал Здраво Млади. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот “Македониум” кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе се случи на “CPH:DOX беше огромно изненадување” – изјави Владица Младеновски од МКЦ.
Светската премиера заедно со концертниот настап ќе се случи во познатата сала “DR Koncerthuset”, која за време на изградбата во 2007 година важела за најскапата музичка сала некогаш изградена. Архитектот Жан Нувел, за дизајнот на “DR Koncerthuset” се здобива и со Прицкерова награда за архитектура.
Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на Р.С.Македонија со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и “Culture Moves Europe” програмата на Европска унија.