Светска премиера на ,,Диџеј Ахмет” денеска на ,,Санденс 2025″

,,Диџеј Ахмет“ на Унковски е меѓу десетте филма коишто ќе се натпреваруваат во меѓународната програма.

Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија, Македонија, „Диџеј Ахмет“ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина. Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траело 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.

Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет. Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други. Кастинг-директор е Киријана А. Николоска.

Годинешниот филмски фестивал Санденс ветува возбудливо издание со присуство на познати актери и режисери. Потврдени се учествата и на Оливија Колман, Џон Литгоу, Бенедикт Камбербач, Џенифер Лопез и Џош О’Конор, кои ќе ги претстават своите најнови филмови.

Инаку, престижниот филмски фестивал Санденс е најголемиот фестивал на независен филм во САД. Оваа година се одржува од 23 јануари до 2 февруари во Парк Сити, Јута.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни