Светска побарувачка за злато во минатата година ги урна сите рекорди, поттикната од големи набавки на централни банки и пораст на инвестициите во овој племенит метал, се наведува во денес објавениот извештај на Светскиот совет за злато.
Минатата година вкупниот обем на трговија со злато изнесувал 4.974 тони, што претставува зголемување во однос на 4.899 тони од 2023 година.
Во 2024 година, светската побарувачка за злато, поттикната од зголемената геополитичка и економска неизвесност, достигнала нови рекордни вредности, коментирал глобалниот раководител за централни банки во Светскиот совет за злато, Шаокаи Фан.
Веќе трета година по ред, обемот на светската трговија со злато надминува 1.000 тони, а апетитот на централните банки е “несит”, се наведува во извештајот кој го пренесува CNBC.
Народната банка на Полска минатата година била најголемиот купувач на злато меѓу централните банки и додала 90 тони во своите резерви.
Друг најголем купувач била Централната банка на Турција (TCMB), која ги зголемила резервите за 75 тони, а трета била Резервната банка на Индија (RBI), институција која во минатата година постојано купувала злато секој месец освен во декември.
Побарувачката за златни полуги и монети останала на високо ниво, поттикната од големото интересирање во Кина и Индија, се додава во извештајот.
Во Индија, побарувачката за злато пораснала откако нејзината влада ги намали увозните царини на злато од 15% на 6% во јули, забележал Светскиот совет за злато.
Разочарала само побарувачката за златен накит, бидејќи обемот на трговија минатата година паднал за 11% на 1.877 тони, се заклучува во извештајот.