Секоја година, од 1 до 7 август, Светската недела на доењето нè потсетува на моќта на природната исхрана и на потребата од поддршка за мајките ширум светот. Под мотото „Инвестирај во доењето, инвестирај во иднината“, оваа глобална кампања, предводена од СЗО, УНИЦЕФ и други партнери, ја истакнува важноста на доењето како темел за здравје, развој и еднаквост.
Зошто е доењето толку важно?
Маjчиното млеко е првата “вакцина” на новороденчето. Содржи совршена комбинација на хранливи материи, ензими, антитела и хормони кои го зајакнуваат имунитетот, го штитат од инфекции и придонесуваат за здрав раст и развој.
Според Светската здравствена организација, доењето може да спречи над 800.000 смртни случаи годишно кај деца под пет години.
Бебињата кои се доени имаат помал ризик од инфекции, дијабетес, дебелина и алергии. Мајчиното млеко содржи антитела, ензими и хормони кои не можат да се реплицираат во формулите. Деца кои пијат мајчино млеко покажуваат подобри резултати во когнитивниот развој и училишниот успех. За мајките, доењето го намалува ризикот од рак на дојка и ја подобрува емоционалната врска со детето.
Препораки од експертите
Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ препорачуваат: Ексклузивно доење во првите 6 месеци – без вода, чаеви или друга храна и продолжено доење до 2 години и подолго, заедно со воведување на комплементарна храна по шестиот месец.
Важно е да се потенцира дека доењето не е инстинктивно само по себе — тоа е вештина која се учи, и затоа е потребна социјална, здравствена и емотивна поддршка.
Глобални цели и предизвици
Во 2012 година, Светската здравствена организација ја усвои Резолуцијата 65.6, со која се поставија шест глобални цели за подобрување на исхраната кај мајките, новороденчињата и малите деца. Една од најважните цели е: зголемување на стапката на исклучиво доење во првите шест месеци од животот на најмалку 50% до 2025 година.
Во моментов, глобалната стапка на исклучиво доење е околу 44%, што покажува напредок, но и укажува на потребата од засилени напори. Анализите на СЗО покажуваат дека неоптималните практики на доење придонесуваат за 11.6% од смртноста кај деца под пет години, што е еквивалентно на околу 804.000 смртни случаи годишно.
Што го отежнува постигнувањето на целта?
Според СЗО, постојат неколку клучни бариери кои го попречуваат доењето: Недоволна законска заштита, како кратко породилно отсуство и неприлагодени работни услови за мајките. Недостаток на информации и едукација кај мајките, партнерите и здравствените работници. Општествени верувања дека бебињата имаат потреба од дополнителна храна или течности пред да наполнат 6 месеци. Недоволна поддршка во здравствените установи, особено во првите часови по породувањето. Агресивен маркетинг на формули и заменски производи, кој често ги збунува родителите.
Препораки за поддршка на доењето
Информирајте се уште во бременоста: Знаењето за техниките и предностите на доењето е клучно.
Побарајте поддршка од здравствени работници: Обучени консултанти за доење можат да помогнат при првите предизвици.
Создајте поддржувачко опкружување: Партнерите, семејството и работното место играат важна улога.
Почитувајте го ритамот на мајката и бебето: Секоја приказна е уникатна, и нема „совршен“ начин.
Заштитете го доењето од маркетинг на формули: Следете го Меѓународниот кодекс за маркетинг на заменски производи за мајчино млеко.
Зошто оваа недела е важна за сите нас?
Доењето не е само личен избор – тоа е јавно здравје, економска стабилност и еколошка одржливост. Поддршката за мајките да дојат значи поддршка за иднината на нашите заедници. Светската недела на доењето е повик за акција – да создадеме свет каде секоја мајка има право, простор и поддршка да го храни своето дете на најприродниот начин.