Меѓународната заедница сè погласно реагира на немирите што го потресуваат Иран, при што Германија и Финска остро го осудија однесувањето на иранските власти кон демонстрантите и побараа итен прекин на насилството.
Финскиот претседател Александар Стуб во јавна објава порача дека нападите врз демонстрантите „мора веднаш да престанат“, истовремено повикувајќи на ослободување на сите приведени учесници во протестите. Тој нагласи дека Финска стои на страната на иранските граѓани и нивното право на слободно изразување.
Слична порака испрати и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ги обвини иранските власти за „несразмерно и брутално насилство“ врз сопственото население. Според него, ваквото постапување претставува „јасен знак на слабост на режимот“, а не на сила.
Во меѓувреме, последиците од речиси целосниот прекин на интернетот во Иран се чувствуваат и надвор од границите на земјата. Иранци кои живеат во Обединетото Кралство со денови не можат да стапат во контакт со своите семејства, што предизвикува страв и неизвесност, пренесува BBC.
Еден Британец со иранско потекло изјавил дека учествувал на протест во Лондон и дека е особено загрижен за својата баба која живее сама во Иран. „Не можете ни да проверите дали вашите најблиски се добро“, изјавил тој. Други, пак, сведочат дека добиваат автоматски пораки наместо телефонски повици, за кои веруваат дека се дел од државен механизам за филтрирање на комуникацијата.
Од друга страна, официјален Техеран ги отфрла обвинувањата. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека случувањата во земјата не може да се наречат протести, туку дека станува збор за „терористички војна“ против државата. Тој тврди дека биле нападнати државни институции, полициски станици и деловни објекти, додавајќи дека властите располагаат со докази, вклучително и аудио-снимки, за наводна координација на насилството.
