„Светот ја слави поезијата градот ја слуша“ – поетско музика вечер во Лабораториум

Поетско-музичката вечер, тематски посветена на поезијата, ќе се одржи утре од 19 часот, во едукативниот културен центар „Лабораториум“

Со настанот насловен како „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“, утре ќе биде одбележан Светскиот ден на поезијата.

Поетско-музичката вечер, тематски посветена на поезијата за патот, ќе се одржи на 18 март (среда), со почеток од 19 часот, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје а на настанот свои читања ќе имаат 30-тина современи и афирмирани македонски поети и поетеси од сите генерациии.

Програмата ќе биде надополнета со музичка програма од современи македонски музичари.

„Патот е важна одредница на сите поети – и општочовечкиот и поетскиот, автореференцијалниот. Секој поет уште од своите почетоци се труди да се издвои по својот стил – односно да го најде својот автохтон пат во поезијата. Тој пат е и примамлив и неизвесен, бара длабење во најдлабокото, но и остар увид во површното, секојдневното. На тој начин, поезијата може да се сфати и како пат кон себе, но и како пат кон другиот, а поетот станува патник упатен кон растајнување на непознатото. Притоа, патот за поетот не е цел сама по себе, туку е суштествена потреба на духот, израз на поривот што за смисла не прашува’“, вели поетесата Виолета Танчева-Златева, која подготвува „Антологија на патот“ од современата македонска поезија.

Беседа по повод Светскиот ден на поезијата ќе одржи младата поетеса Ивана Јовановска, а настанот ќе го модерира поетесата и новинарка Александра Спасеска.

Музичкото интермецо меѓу стиховите ќе го изведе Зарина Првасевда, а настанот ќе го заокружат „Поетроника“, кои со своите иновативни звуци ќе ја продолжат забавата до самото затворање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни