Во најновиот извештај на Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ) и Меѓународната организација на трудот (ИЛО) се наведува дека речиси 138 милиони деца ширум светот се принудени да работат.
Во извештајот, објавен по повод Светскиот ден на борба против детскиот труд, што се одбележува на 12 јуни, се истакнува дека од почетокот на векот речиси двојно е намален бројот на деца кои работат. Но, сепак е далеку искоренувањето на детскиот труд.
Од 2000 година, бројот на деца принудени да работат е речиси преполовен, од 246 милиони на 138 милиони, но напредокот е толку бавен што за да се искорени детскиот труд во следните пет години процесот треба да биде единаесетпати побрз.
Според новите податоци земјоделството е сектор во кој најмногу се експлоатира детскиот труд односно 61 отсто, потоа со 27 проценти следат услужните дејности, како што се домашните работи или продажбата на пазарите, а потоа е индустријата со 13 отсто, каде има детски труд во рударството и производството.
Најголемото намалување на детскиот труд е постигнато од 2020 година во регионот на Азија и Пацификот, каде што учеството на децата во вкупниот труд се намали од шест на три проценти т.е. од 49 милиони на 28 милиони деца.
Во земјите од Јужна Америка и Карибите, детскиот труд сè уште е честа појава, но во изминатите четири години регистрирано е намалување од осум на седум милиони деца кои се принудени да работат.
Најголемиот предизвик останува потсахарска Африка, со 87 милиони малолетници кои работат.
УНИЦЕФ и ИЛО за искоренување на детскиот труд препорачуваат инвестирање во социјалната заштита на ранливите домаќинства, инвестирање во систем за заштита на децата што навреме би го препознал и спречил детскиот труд и би обезбедил поддршка на ранливите деца, како и овозможување универзален пристап до квалитетно образование, особено во руралните средини.
Меѓу препораките е обезбедување квалитетни работни места за возрасни и млади, вклучувајќи ги и правата на работниците да се организираат и да ги заштитат своите интереси, и примена на законите и повикување на одговорност на претприемачите кои ги експлоатираат децата.