Светлина низ објективот: Воли Фистер во Битола

Воли Фистер е добитник на Оскар и еден од најзначајните кинематографери на современиот филм. Неговата визуелна визија стои зад ремек-дела како Inception, The Dark Knight и Memento, кои ги работи во соработка со режисерот Кристофер Нолан. Оваа година, Фистер пристигна во Битола како добитник на Специјалната Златна „Камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“, каде што ја прославуваме уметноста на сликата зад објективот.

Во светот на филмот, каде што сликата често зборува погласно од зборовите, постојат автори зад камерата чие влијание врз визуелниот јазик на современата кинематографија е подеднакво моќно како и она на режисерите или сценаристите. Еден од нив е и добитникот на Оскар и долгогодишен соработник на режисерот Кристофер Нолан – Воли Фистер (Wally Pfister), чиј визуелен печат стои зад некои од највлијателните филмови на 21 век, како Inception, The Dark Knight, The Prestige и многу други. Неговата работа е препознатлива по смислата за длабочина, светлина и атмосфера – елементи што го дефинираат не само стилот на филмот, туку и емоционалниот набој кој го чувствува публиката.

Оваа година, Фистер е лауреат на Специјалната Златна „Камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола – признание за неговиот исклучителен придонес во светската кинематографија. За време на неговата посета, имавме ексклузивна можност да поразговараме со него за првите впечатоци од Битола, за неговото гледиште за уметноста зад камерата, како и за значењето на фестивалот што ја слави токму таа уметност.

Во својата прва посета на Битола, Фистер е импресиониран не само од фестивалот, туку и од градот, луѓето и културниот дух кој го обвива ова место.

Битола е прекрасен град. Првото нешто што те погодува е архитектурата по главната улица,“ вели тој, фасциниран од амбиентот на Широк Сокак. „Таа улица, пешачката зона и фактот што отсекогаш била пешачка, како и прекрасната архитектура, зградите покрај неа… и кога ќе ја видиш џамијата на крајот.. сето тоа дава навистина пријатно чувство.“

Токму тој просторен и културен контекст, според него, го прави фестивалот уште повпечатлив. „Кога дознав дека ова е центарот на филмскиот фестивал тоа го направи местото уште повеќе посебно,“ споделува тој. „Се чувствува како целиот град да е посветен на Фестивалот на Браќата Манаки.“

Фистер признава дека досега не бил запознаен со културната сцена на Северна Македонија, но тоа што го доживеал во Битола, вели, било навистина посебно.

Јас открив една неверојатна култура. Луѓето се прекрасни. Сите што ги сретнав беа пријателски настроени, паметни… И храната е неверојатна. Не бев свесен за културното богатсво на Македонија претходно,“ вели тој. „Но фактот што дојдов тука и што ја искусив оваа култура – ми ги отвори хоризонтите.“

Она што најмногу го воодушевило кај фестивалот е неговата посветеност токму на кинематографијата – дисциплина што често останува во сенка зад режисерите и актерите. За Фистер, токму тоа е суштината на „Браќа Манаки“.

Тоа е неверојатно важно. Мислам дека повеќето филмаџии навистина имаат обичај да им оддадат почит на луѓето зад камерата – на снимателите, сценографите, костимографите, тонците, операторите со бум микрофон… Но, не сум сигурен дека публиката или пошироката јавност навистина разбира колку луѓе се вклучени во процесот на создавање филм.“

Според него, мисијата на фестивалот да ја издвои кинематографијата како уметност сама по себе е нешто што ретко се гледа на светско ниво. „Се грижи луѓето да ја разберат, да ја почитуваат и да ја ценат важноста на придонесот што го даваат снимателите, особено во преносот од филмска лента кон дигитална камера,“ додава Фистер.

На прашањето дали кинематографијата е повеќе уметност или занает, одговара дека едното не може без другото.

Апсолутно и двете. Нема да постигнеш врвна уметничка изведба ако претходно не си ги совладал основните вештини, ако не си го научил занаетот – како и во многу други работи,“ вели тој. „Како што кажав, во музиката не можеш да импровизираш додека не го совладаш инструментот. Во кинематографијата, исто така, не можеш да импровизираш без да ги познаваш твоите алатки.

Во текот на својата богата кариера, Воли Фистер има снимено некои од највпечатливите сцени на модерниот филм. Сепак, вели дека најмногу му остануваат во сеќавање тие кратки мигови кога за момент ќе застане и ќе сфати што навистина се случува пред неговите очи.

Има посебни моменти во секој филм на кој сум работел, кога успеваш некако да се повлечеш малку, да погледнеш однадвор и да видиш на што работиш,“ споделува тој. „Секако, еден од тие моменти е снимањето со Ал Пачино на филмот Insomnia. Тоа навистина беше момент кога сфатив дека работам на квалитетен филм.“

И покрај славата и успесите, неговиот став останува скромен и посветен на тимската работа. За него, магијата на филмот не се создава од еден човек – туку од цел тим луѓе кои со страст и вештина го оживуваат секој кадар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни