,,Светило на врв планина“ – промоција на детска илустрирана книга во Струга

Се работи за прво житие адаптирано за деца на светител канонизиран од Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Во недела, 25 мај, со почеток во 17 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи промоција на книгата „Светило на врв планина“ – првото илустрирано житие на Света Спаса Вишенска, специјално адаптирано за младата читателска публика.

Автор на книгата е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите се изработени од уметницата Викторија Попоска.

Изданието опфаќа седум тематски целини, секоја збогатена со илустрации кои ја приближуваат содржината до детската перцепција, со цел на достапен и едукативен начин да се пренесе животната приказна на светителката.

Според уредникот на книгата, отец Александар Димоски, мотивацијата за создавање на ова дело произлегла од потребата содржините од духовното и културното наследство да станат разбирливи, блиски и инспиративни за децата.

Се работи за прво житие адаптирано за деца на светител канонизиран од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.- Можеби не многу голема по обем, но непрегледна по содржина, неоценлива според значењето и благословена во намерата, сликовницата „Светило на врв планина“ сигурно ќе стане нечие детско Евангелие – вели отец Александар Димоски.

Настанот е отворен за јавноста. На промоцијата, покрај авторките, за книгата ќе зборуваат писателката Верица Мукоска и отец Александар Крстаноски.

Инаку, промоцијата се одржува симболично на 25 мај, ден кога за првпат ќе се одбележи споменот на светите исповедници Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, по нивната канонизација во 2023 година.Книгата „Светило на врв планина“ е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни