Популарниот поранешен фудбалски тренер Свен-Јоран Ериксон, кој во јануари објави дека има рак на панкреасот и се приближува кон крајот на неговиот живот сподели трогателна порака за збогување во новиот документарен филм за неговиот живот.
Прославениот тренер имаше конзервативен пристап на теренот, но и серија на афери со многу помлади љубовници надвор од него.
Зборувајќи на крајот на новиот документарен филм на Амазон за неговиот живот, Ериксон упатува последна порака до поранешните играчи, тренери и поддржувачи, откако претходно зборуваше отворено за неговиот живот и афери.
„Имав добар живот. Мислам дека сите сме исплашени од денот кога треба да умреме, но живтот е поврзан со смртта. Мора да научиме да го прифаќаме каков што е. Се надевам дека на крајот луѓето ќе речат, да, тој беше добар човек, но знам и дека нема сите да го кажат тоа“ рече Ериксон во документарниот филм.
Тој додава дека сака да биде запомнет како позитивен човек кој направил се што може.
„Немојте да жалите, смејте се. Ви благодарам за се на сите тренери, играчи, публика, беше фантастично. Грижете се за себе и за својот живот. И живејте го“ вели Ериксон.
Швеѓанецот имаше успешна менаџерска кариера, водејќи тимови како Манчестер Сити и Лестер Сити, но и беше првиот странец кој беше селектор на англиската фудбалска репрезентација.
Откако објави дека има рак, тој сподели дека негов неостварен сон е да го води Ливерпул на Енфилд, сон кој му беше остварен претходно оваа година водејќи ги легендите на Ливерпул на пријателски натпревар.
Во документарниот филм Ериксон вели дека животот му бил како бајка.
„Немав нормален живот. Имав убав живот, можеби и премногу убав“ вели тој.