Шведска повторно ја отвора дебатата за воведување на еврото

По влезот во НАТО и променетата безбедносна реалност, шведската влада најавува анализа на предностите и ризиците од промена на националната валута.

По речиси две години членство во НАТО, во Шведска повторно се отвора прашањето за воведување на еврото како национална валута. Иако процесот е далеку од конкретна одлука, владината коалиција најавува темелна анализа на можните придобивки и недостатоци од ваков чекор.

Шведската министерка за финансии Елизабет Свантерсон во расправа во парламентот истакна дека е потребна „сеопфатна и сериозна анализа“, која ќе ги земе предвид економските, политичките и безбедносните аспекти на евентуалното воведување на еврото.

„Променетата безбедносна ситуација во Европа е еден од факторите што мора да се разгледаат“, нагласи Свантерсон, додавајќи дека дебатата нема да се отвори пред парламентарните избори закажани за септември.

Во рамки на владејачката коалиција, составена од десничарски партии, поддршка за отворање на дебатата за еврото доаѓа од Умерената партија, Партијата на центарот и Либералите. Од друга страна, сите четири партии од левичарската опозиција, предводени од Социјалдемократската партија, остро се спротивставуваат на можната промена на валутата.

Противењето не е ново. Шведските граѓани уште во 2003 година на референдум јасно се изјаснија против воведување на еврото. Со излезност од 82 отсто, 55 проценти од гласачите го одбија напуштањето на круната, што и денес останува силен аргумент во јавната дебата.

Иако Шведска, како членка на Европска Унија, формално има обврска да го воведе еврото, за тоа не постои утврден рок. Земјата досега одбива да влезе во механизмот ERM II, кој претставува предуслов за премин кон заедничката европска валута. Со тоа, Шведска практично го одложува процесот на неопределено време.

Покрај Шведска, еврото не го користат уште неколку земји членки на ЕУ: Данска, Полска, Унгарија, Романија и Чешка. Само Данска има формално изземање од обврската за воведување на еврото, договорено со Мастришкиот договор од 1992 година и потврдено на референдум во 2000 година.

Повод за повторно отворање на ова прашање е и поширокиот европски контекст. По Бугарија, која го воведе еврото на 1 јануари оваа година, дебатата за проширување на еврозоната повторно добива на тежина, особено во услови на геополитички тензии, војната во Украина и зголемената економска несигурност.

Иако засега нема конкретен план или временска рамка, сигналите од Стокхолм укажуваат дека прашањето за еврото повеќе не е табу. Наместо брза одлука, шведската влада најавува внимателен и постепен пристап, кој ќе зависи и од исходот на следните избори, но и од ставот на јавноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни