Водечки шведски весник: Трамп ѝ се заканува на Европа, Шведска мора да размисли за нуклеарно оружје

Шведскиот дневен весник Dagens Nyheter отвори досега незамислива јавна дебата за нуклеарно вооружување во Скандинавија, поврзувајќи ја со кризата околу Гренланд и променетите односи со САД.
Screenshot: X

Највлијателниот шведски дневен весник Dagens Nyheter покрена јавна дебата која до неодамна беше табу во шведското општество – дали Скандинавија, а особено Шведска, треба повторно да размислува за сопствено нуклеарно оружје.

Во уреднички текст со наслов „Никој не сака да зборува за шведско нуклеарно оружје – но мораме“, редакцијата предупредува дека членството на Шведска во НАТО не се развило онака како што се очекувало. Како клучен аргумент се наведува односот на американскиот претседател Доналд Трамп кон Европа.

„Трамп не се заканува само дека ќе ја напушти Европа – тој ѝ се заканува на Европа“, пишува весникот, додавајќи дека САД сè поотворено ја користат европската зависност за политички притисок, како што се гледа во случајот со Гренланд.

Весникот потсетува дека со децении главната безбедносна закана за Шведска и нордиските земји се сметале Советскиот Сојуз и Русија. Но, по четири години руска агресија врз Украина и само една година по враќањето на Трамп во Белата куќа, Dagens Nyheter тврди дека најголемата закана повеќе не доаѓа од Москва, туку од Вашингтон.

Во текстот се цитира и неодамнешно интервју на Трамп за The New York Times, во кое тој изјавил дека „не му е потребно меѓународното право“ и дека можеби ќе мора да избира „меѓу НАТО и Гренланд“. Весникот го поврзува ова со познатата мисла на Винстон Черчил, дека Американците ја прават вистинската работа дури откако ќе ги испробаат сите други опции.

„Можеби односите со САД повторно ќе се стабилизираат во иднина, но тие мора да бидат рамноправни. Прво мора да прифатиме дека суштината на стариот трансатлантски однос веќе се распаѓа“, наведува весникот.

Во анализата се споменува и дека Пентагон во декември им порачал на европските дипломати дека Европа има една година да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана – вклучително и за таканаречениот „нуклеарен чадор“. Но, се нагласува дека Европа е длабоко поделена и нема заедничка стратегиска визија.

Dagens Nyheter остро ги критикува и внатрешните европски слабости, наведувајќи дека унгарскиот премиер Виктор Орбан често внесува раздор, додека шпанскиот премиер Педро Санчез релативизира руска закана. Дополнително, весникот предупредува дека политичари како Најџел Фараж и Марин Ле Пен би можеле наскоро да дојдат на власт во Лондон и Париз, што дополнително ја усложнува европската безбедносна архитектура.

Весникот потсетува дека Шведска по Втората светска војна сериозно размислувала за развој на нуклеарно оружје и дека во еден момент имала технички капацитет за производство на бомба во рок од неколку години. Програмата била напуштена во 1968 година поради отпор во јавноста, американски притисок и зајакнување на глобалните норми за неширење на нуклеарно оружје.

Денес, уредниците на Dagens Nyheter не повикуваат директно на создавање бомба, туку на развој на нуклеарно-техничка експертиза и силна одбранбена индустрија. Тие укажуваат дека многу европски членки на НАТО не можат ниту да издвојат 3,5 отсто од БДП за одбрана и дека земјите што ја разбираат сериозноста на моментот ќе мора да издвојуваат и повеќе.

„Очигледен ризик на политиката на Трамп е ширењето на нуклеарното оружје. Никој не го сака тоа. Но, заедничко нордиско нуклеарно одвраќање – можеби со Германија – би можело токму тоа да го спречи“, заклучува весникот, додавајќи дека ова се прашања кои никој не сака да ги отвори, но кои стануваат неизбежни кога САД ја напуштаат улогата на гарант на европската безбедност и вршат притисок врз сојузниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни