Шведска ќе инвестира 15 милијарди шведски круни, односно околу 1,37 милијарди евра, во зајакнување на своите системи за противвоздушна одбрана, соопшти шведската влада. Средствата ќе бидат наменети првенствено за заштита на цивилното население и критичната цивилна инфраструктура.
Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон изјави дека искуството од војната во Украина јасно покажало колку е клучна ефикасната противвоздушна одбрана во современите конфликти. Според него, Шведска ќе се фокусира на набавка на системи со краток дострел, кои ќе обезбедат заштита на градови, мостови, електрани и други објекти од витално значење.
Владата нагласува дека оваа инвестиција е дел од пошироките напори за јакнење на националната безбедност и отпорноста на државата, во услови на променета безбедносна средина во Европа и зголемени закани кон цивилната инфраструктура.