Сведоштво на Ленче Петрова: Среќна сум и жива, но кога дознав дека имав рак ми се сруши светот

Најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот од 2010 до 2023 година е ракот на дојка, а во изминативе четири години расте бројот на смртни случаи од рак на дојка во земјава, велат статистичките податоци на Институтот за јавно здравје во новиот извештај „Морталитет и морбидитет од рак на дојка кај жени во Македонија по повод одбележувањето на Октомври – Меѓународниот месец на борбата против ракот на дојка.

-Од рак на дојка во 2010 година починале 310 жени со стапката на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 година 337 жени со стапка од 32,6, во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 и во 2023 година 346 жени со стапка од 37,5 на 100000 жени. Во анализираниот период се забележува тренд на пораст на бројот на умрени жени од рак на дојка, посочуваат од ИЈЗ.

Ракот на дојка е на прво место во бројот на новорегистрирани случаи од малигни неоплазми кај жени во Македонија во периодот од 2017 до 2021 година.

„Во 2017 биле регистрирани 808 новозаболени жени од рак на дојка со стапка на инциденца 78.03/100000 жени, во 2019 година 778 со стапка на инциденца 75.13/100000 жени, а во 2021 година 806 со стапка на инциденца 87.08/100000 жени. Во анализираниот период бројот на новозаболени жени од рак на дојка осцилира“ велат статистичките податоци на ИЈЗ.

Месецот за подигање на свеста за ракот на дојка, кој се одржува во октомври секоја година, е воспоставен во 1985 година, со цел да се промовира скрининг и превенција на болеста, која секоја година погодува една од осум жени во САД, односно 2,3 милиони жени ширум светот.

Во месецот на борба против рак на дојка, здравствените власти апелираат дека секоја жена треба да оди на прегледи, а слободни термини во здравствените институции нема со месеци. Ако пациентката се сомнева на рак, за да реагира брзо мора да закаже преглед во приватните болници.

Од друга страна, лекарите велат дека повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.

Сепак ако жена сака да си закаже превентивен преглед на рак на дојка како што апелираат властите, термин нема до крајот на годинава, а за наредната, 2025 година , системот уште не дава термини.

Проблем со закажување има и преку матичните лекари, бидејќи тие веќе не може да закажуваат за мамографија, туку ги праќаат пациентките сами да си закажат на страната на националната скрининг програма за програма за рано откривање рак на дојка. Таму во моментот не се добива термин, туку пациентката добива известување дека ќе ѝ стигне смс-порака кога ќе има термин.

Пацинетите се исплашени

Покрај медицинските лица во земјава постојат и здруженија кои нудат поддршка бесплатни совети и помош за жените кои поминуваат низ тешки периоди поврзани со малигните заболувања, а особено со ракот на дојката. Најпознато е здружението „Борка“ но од минатата година е оформено ново здружение „Езра“.

„Пацинетите се исплашени, велат дека матичните не ги информираат доволно за тоа што им следува откако ќе се оперираат или пак откако ќе примат хемотерапија, како што е бесплатна проетеза, бесплатна дојка, а тоа оди преку фондот, секоја пацинтка или пацинет, бидејќи работиме и со пацинети со различни, малигни заболувања, штом почне да ја прима хемотерапијата следува надомест за нега од трето лице, еднократна помош од општината инаку се случува во денот да се јават повеќе од 10 пацинети преплашени, затоа јас кога ќе се се јави пацинетката најчесто е уплашена, но јас наоѓам начин како да и објаснам дека се ќе се среди“ вели за Рацин.мк, Ленче Петрова, координатор во здружението „Езра“.

Таа ветила дека ќе помага на сите на кои може откако преживеала три операции од канцер. На само 39 години и бил дијагностициран рак на дојка, откако закрепнала по извесен период и рак на матката и јајниците, а потоа и на надбубрежната жлезда. Но денеска е добра, вели дека е среќна, се става себе си на прво место ужива во времето со внуците, но и работата со пацинетите.

„Јас сум една од тие онколошки пациенти што тоа го поминав пред 20 години, па еве јас сум жива, здрава, помагам на сите, меѓутоа, апелирам жени одете прегледувајте се! Имав 39 години, не чувствував ништо, значи буквално ништо, само некое стегање позади во грб, и случајно, се враќав од терен, работев како технолог во една од млекарите, отидов на преглед и докторот рече дека забележува некоја грутка и дека се сомнева дека е тумор. Мислам дека ми се сруши се“ вели таа.

Бидејќи тогаш живееле во Виница, веднаш се упатиле во Скопје каде по биопсијата веќе се знаело дека се работи за канцер, кој имал и метастази и следен предизвик било наоѓање доктор за да се изведе операцијата најбрзо што може.

Ленче ни раскажа дека за време на закрепнувањето се соочила со бројни предизвици, но дека најголема поддршка и бил сопругот, но и децата, особено кога поголемиот син и рекол дека му е потребна жива и дека е прекрасна.

„Беше Водици, 19 јануари, по операцијата ме качија во соба, плачење, не можам да се помирам зошто јас, како јас, двете дојки, рацете не можев да ги кренам од болка, но докторот Крцковски ми рече Ленче ти си млада, ќе помине тоа само ќе не слушаш и ќе ги примаш терапиите. По две недели почнав на хемотерапија, ми падна косата веќите, едноставно не бев јас, како да не постојам“ вели таа.

Покрај семејството во тешките мигови ја посетила и пејачката Виолета Томовска, која и рекла да биде храбра, да издржи бидејќи ја споделиле истата судбина, и двете го преживеале канцерот на дојки, но и на двете им биле отстранети за да се спасат.

Осум проценти со пациентите со рак на дојка се излекувани ако се открие болеста на време, а СОС линијата на „Езра“ е 072 225 122 и е достапна 24 часа секој ден во неделата.

„Достапна сум да го направам пациентот среќен бидејќи тоа го поминав пред 20 години, па еве јас сум жива. За навремено да се откријат промените се препорачува секоја жена редовно да прави само преглед, на шест месеци ехо, а на една година мамографија како и гинеколошки прегледи. Ако веќе секој ден се јавуваат десет нови пациенти или 15 значи да го сватиме тоа е вирус, тоа е минливо. И не само порака до жените , значи порака и до мажите, значи мажи одете и вие прегледувајте се имаме веќе 20 пациенти мажи што се оперирани од канцер на дојка“ вели таа.

Сепак она што Ленче го упатува како апел до секоја жена е да се намали стресот, вели дека не е важно понекогаш прозорите да се чисти, или пак се да е средено, може мобврските да почекаат но не и животот, затоа што убавите мигови го лачат хормонот на среќата, а на тој начин и помалку би се разболувале.

Како Здружение, ЕЗРА има силен фокус кон поддршка на пациентите и споделување релевантни информации кои ќе ви помогнат да се справите со лавиринтите на нашиот здравствен систем. Со Законот за заштита на правата на пациентите во користењето на здравствената заштита се уредени должностите на здравствените установи и здравствените работници и соработници, општините и фондот за здравствено осигурување во унапредувањето и заштитата на правата на пациентите, постапката за заштита на правата на пациентите, како и надзорот над спроведувањето на законот.

Повеќе можете да се информирате на следниот линк.

Преземено од „Рацин.мк“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни