Сведок на нападот во воз во Англија: „Се слушаше удирање по вратите, како да сме во кутија“

Еден од патниците во возот меѓу Донкастер и Лондон, кој патувал со своите деца, опиша за BBC сцени на паника и неизвесност додека се случувал масовниот напад со нож.

Патникот по име Стив, кој се наоѓал во вагон Б, изјави дека нападот се случил неколку вагони подалеку, во вагон Ј. „Од звучниците само се слушна пораката: ‘Свесни сме за инцидентот. Ве молиме останете безбедни.’ Беше застрашувачки да го чуеш тоа, а да не знаеш што навистина се случува,“ раскажа тој.

„Најлошо беше тоа што сме во воз — затворени во метална кутија без можност за бегство,“ додаде. Кога возот застанал на станицата Хантингтон, патниците во паника почнале да удираат по вратите, барајќи насоки од персоналот. „Викавме: ‘Што да правиме?’ Никој не знаеше што да ни каже.“

Стив успеал со своите деца да излезе од станицата и да најде засолниште во куќа во близина. „Децата се потресени, но се држат добро. Благодарен сум што сме живи,“ изјави тој.

Нападот се случил во воз на компанијата London North Eastern Railway, кој сообраќал меѓу Донкастер и Лондон. Маж вооружен со нож започнал да напаѓа патници без причина откако возот поминал низ Петерборо.

Според полицијата, десет лица се повредени, од кои две се во животна опасност. Уапсени се двајца Британци на возраст од 32 и 35 години, кои се под истрага за обид за убиство. Иако во истрагата се вклучени и антитерористички единици, британската транспортна полиција соопшти дека засега нема докази за терористички мотив.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни